Во Соединетите Држави, и некои земји на ЕУ се издвоени милијарди долари и евра за стимулирање на економиите. Меѓутоа, земји како Украина или Летонија се принудени да се обраќаат до ММФ за заеми и притоа се принудени да ја намалат јавната потрошувачка и да ги балансираат буџетите.
Клучната разлика меѓу Украина и Летонија со индустриски развоените земји е во тоа што тие се способни да се справат со растечките долгови. Земји како Соединетите Држави или Велика Британија можат да си дозволат обемни стимулативни пакети, бидејки можат да си дозволат и големи владини долгови. Барем засега. Тие ќе ги финансираат нивните долгови со пуштање во оптек на владини хартии од вредност, а се очекува инвеститорите да продолжат да ги купуваат. Но, кога земји како Украина или Летонија, кои се веќе пре-задолжени во странство, ќе се најдат во слична ситуцација, влегувањето во уште поголем дефицит е недозволиво. Странските инвеститори ќе се повлечат, а печатењето пари само ќе ја разгори инфлацијата. Единствена опција останува Меѓународниот Монетарен Фонд, како последен позајмувач на пари. Дејвид Ховли, портпарол на ММФ вели:
"Во основа, разликата е во тоа што некои земји можат да поднесат екстра задолжувања, а постои доверба дека големиот буџетски дефицит може да се контролира. Во другите, пак, нема доволно ресурси за екстра долгови".
Ховли додава дека на оние вторите, ММФ може да им помогне на два начина, - со привремени кредити за стабилизирање на нивната валута, како и со така-наречени политички совети за побрз излез од економската криза. А советите најчесто содржат препораки за намалување на социјалните трошоци, зголемување на даноците и балансирање на буџетот. Целта е да се создадат услови таа земја повторно да стане атрактивна за странски инвестиции. Економистот Дезмонд Лихман исто така се согласува и вели дека не станува збор за двојни стандарди, туку за еконономски законитости.
"Некои земји се посилни од други. На пример Чешка финансиски е на солидни основи и можеби има простор за буџетска интервенција, додека Летонија нема. Таа е во големи проблеми бидејки е веќе пре-задолжена".
Економистите изразуваат загриженост дека се повеќе земји како Украина и Летонија ќе мора да бараат помош од Меѓународниот Монетарен Фонд. Затоа и лидерите на Велика Британија, Франција, Германија и Италија оценија дека фондовите на ММФ би требало да бидат двојно поголеми, за да може да им се помогне на повеќе земји, погодени од глобалната економска криза.