Антички Македонци или Словени, патриоти или предавници?

Macedonia - ancient time statues government in front of government building, Skopje, 01Nov2008

Словени или антички Македонци? Оваа дебата околу потеклото на нацијата е актуелна речиси една година. Во последно време таа добива на жестина, па се добива впечаток дека и општеството почнува да се дели на поддржувачи или противници на некоја од тезите за корените на Македонците. Атмосферата ја вжештуваат и преименувањата, Филип 2 на патишта, најавата дека и реновираниот скопски стадион ќе го носи неговото име, очекувањата дека на Градскиот плоштад ќе биде ставен споменик на Александар Македонски. Според дел од аналитичарите зад поттикнувањето на ваквите дебати стои политиката, која атмосферата што ја креираат невладиниот сектор и некои интелектуалци, потоа ја користи за свои цели. Универзитетскиот професор, социологот Илија Ацевски, смета дека засилената дебата, токму во овој период се должи на престојните претседателски избори:

,,Прво во Македонија прашањето ќе добие една политичка димензија, односно ќе произлезе од еден политички центар, партија или нешто слично и тоа се наметнува како наводно судбинско прашање за некаква определба на останатите, дали се членови или не на таа партија или поширокот во општеството.”

Впечатокот на професорот Ѓорѓи Тоновски од ФОН пак е дека со промовирањето на различните тези околу потеклото на нацијата, како што вели, некој се обидува да направи голема забуна:

,,Дури прашање е колку овие дебати се вградени и во арсеналот на политичкото, односно колку се во функција на изборите коишто следат.”

Тоновски смета дека дебатирањето за суштинските работи воопшто не е спорно, бидејќи на тој начин, како што вели се расчистуваат и дилемите коишто постојат. Спорен е начинот на кој се води дебатата:

,,Тука се забележуваат определени трендови на дисквалификации, па дури и до лични навреди дека не се познава материјата, или дека некој се непријатели на земјата или не се, дека и го сакаат доброто на Македонија или не и го сакаат.”

вели Тоновски и додава дека не постои опасност од драстична поделба во македонското национално ткиво, бидејќи тоа и никогаш не било единствено. Како пример ги наведува дебатите од 90тите години, во кои беа актуелни поделбите на бугарофили и србомани:

,,Мислам дека тука тешко можете да сметате на уникатен поглед врз тие прашања. Имате генрации коишто учеле дека Словените дошле во 6, 7 век, на овие простори, па ги истиснале сите оттука и направиле држави, а има други гледања дека се помешале со тие што живееле тука, трети велат уште од 4 век пред нашата ера е сретнато старословенското писмо. Иако, сите знаат дека Кирил и Методиј го правеле тоа писмо. И некој се обидува да внесе таква забуна во тоа, прашање е и колку е добронамерно понекогаш пуштена една теза или друга.”

Ацевски пак проблемот во оваа ситуација го лоцира во тоа што експертската јавност е ставена на страна. Начинот на кој се трага по корените на македонската нација придонесува за атмосфера во која секој мора да заземе страна, вели Ацевски:

,,Сега сите, и обични и необични и партиски и непартиски, како тргнаа работите, во Македонија страна ќе мора да се заземе. Затоа што сега мислам дека се активирани сите идентитетски сензори коишто постојат кај луѓето, без разлика дали некој се определува за едно или друго. Проблемот е медиумски, политички, до тој степен исконструиран никого да не остави рамнодушен.”

Актуелизирањето на прашањето за потеклото на нацијата се случува во период во кој Македонија, поради спорот со името со Грција остана надвор од НАТО, а нема приближување ниту во процесот на интеграција со ЕУ. И додека некои експерти сметаат дека во моментов отворањето на ваквата дебата, која може да предизвика разнедбитување на нацијата не е добро за земјата, аналитичарот од Центарот за истражување и креирање политики Жидас Даскаловски вели дека во сите демократски земји не постои лошо или добро време за дискусија за одредени прашања:

,,Во овој случај дебатата е многу добра, се додека сите Македонци се задржуваат на сопствениот идентитет, многу е конструктивно да се види аргументи, историски, антрополошки, која е врската на современите Македонци со тие од минатото.”

Александристи или Кирилисти, така ги нарекува двете групи на Македонци Директорот на Институтот за политички и интеркултурни студии Ризван Сулејмани. Поделбата, смета тој, веќе е направена. Но, според него, дебатата нема да оди во насока на расчистување на дилемите како што смета Даскаловски, туку напротив, ќе се одрази врз иднината на земјата.

,,Препознатливи се различни погледи, кои се препознатливи. Едниот зборува за македонизмот кој потекнува од античка Македонија, што ќе значи и изолација на Македонија, стопирање на патот кон ЕУ и НАТО, барање на алтернативно решение кое би завршило со еден таков концепт. И вториот, што би бил словенски, што ќе значи европеизација, интеграција во НАТО и ЕУ.”

Иако ова што се случува внатре во земјата првично ги прави соседите понервозни, сепак, на крајот ползата може да ја извлечат тие, смета Сулејмани:

,,Мој впечаток е дека токму ова ќе биде најголемата грешка, затоа што Македонија ќе ја заглави вклештена меѓу српската и грчката филозофија, што значи изолација на Република Македонија, останување жив на сонот за голема Србија, мала Југославија, централен Балкан, не е битно како ќе се нарекува. Но, факт е дека останувањето на Македонија надвор од НАТО и ЕУ и понатаму останува сонот Грција и Србија да се граничат, значи да функционира Коридорот 10 и да се неутрализира Коридорот 8.”

Во меѓувреме, додека една од главните расправии во дебатните емисии во кои се вклучуваат и граѓаните е и тоа кој е прататко на Македонците, Александар Македонци или Словените зад Карпатите, јавноста почна да ја бранува уште едно прашање. Ова е од сферата на човековите права. Се развива дебатата околу абортусот, па поддржувачите и противниците на оваа мерка за прекинување на бременоста влегуваат во жестоки дискусии. Според професорот Тоновски, актуелизирањето на ова прашање како што вели е изнасилено:

,,Не се водени во православната црква такви расправи со таква жестина. Дури и православието е доста толерантно по тоа прашање. Второ, и светската јавност, онаа која го третира и го поставува прашањето за човековите права и слободи, за правото на избор, исто така не го поставува на ваков исклучив начин.”

Претставниците на МПЦ уште пред појавувањето на граѓанските асоцијации кои се залагаат за порестриктивни мерки во однос на абортусот тој чин го окарактеризира како чудоморство. Владеачката ВМРО ДПМНЕ пак себе си се дефинира како демохристијанска партија, која според дефиницијата за оваа идеологија се обидува христијанските вредности да ги примени во политиката. Најавен е и нов закон за регулирање на абортусот, но владата за сега не открива детали во врска со него. Дел од аналитичарите во досегашните постапки на владата предводена од ВМРО ДПМНЕ препознаваат десничарско конзервативно делување во согласност со нивната идеологија:

,,ВМРО ДПМНЕ се ослонува на таа идеологија, конзервативна, за разлика од порано, кога таа делуваше дури и со некои леви јавни политики и мерки,”

вели Даскаловски.

Аналитичарот Сулејмани пак смета дека дебатата која граѓанскиот сектор ја води во однос на абортусот всушност има за цел да го подготви теренот, за како што тврди, излегување на владата со закон карактеристичен за конзервативната десница:

,,На некој начин за ВМРО ДПМНЕ да излезе со една таква теза јасно и транспарентно, треба да создаде терен преку нивните сателити, затоа излегуваат со нивните тези, за да се создаде клима.”

Соиологот Ацевски пак не препознава идеолошки чекори, туку во дебатите, како последната за абортусот гледа обид за ретрадиционализација на општеството:

,,Имаме традиција, но сега понатамошно давање значење на некои форми, елементи во социјалниот живот, коишто барем во модерното време одамна се разјаснети. Вие не можете денес, на почетокот на 21 век во вакви околности да наметнувате и забранувате абортус.”

И додека во македонското општество се отвораат се повеќе дебати и дилеми, претседателските кандидати почнуваат да ја подготвуваат својата стратегија за престојните избори. Аналитичарите очекуваат дека 20те дена кампања кои почнуваат на 2 март ќе ја зажештат дебатата особено околу потеклото на македонската нација. Некои прогнози велат дека и концептот на иднината на земјава, кандидатите ќе го темелат врз минатото, односно поделбата на групите кои потеклото на нацијата го бараат во антиката и оние кои македонската нација ја поврзуваат со Словените.