Граѓаните велат дека оваа година ќе се воздржуваат од посериозни инвестиции

Во последните неколку месеци македонците се поскромни во споредба со истиот период минатата година, тврдат трговците и туристичките работници. Граѓаните велат дека во текот на оваа година ќе се воздржуваат од посериозни инвестиции. Претседателот на Туристичкиот сојуз на град Скопје Ангел Иванов вели дека интересот за зимување, е речиси двојно намален.

„Во принцип по завршување на зимските распусти и одморите кај нас драстично се намалува побарувачката. Но во однос на лани, тој пад е уште подрастичен и остварен е само половина од ланскиот промет и кај нас и кај другите наши колеги.“

Според Иванов, намалениот интерес не е поради лошата понуда ниту поради временските услови:

„Од аспект на природата, зимава прекрасно се накитени планините со снег, значи не е да недостасува снег. Не е дека недостасува желба, не е дека недостасуваат ски патеки... Значи недостасуваат пари.“

Од поголемите маркети потврдуваат дека интересот за поскапи и поквалитетни производи е намален. Според Љупчо Васовски, директор на малопродажба во Тинекс маркетите, граѓаните се повеќе се одлучуваат за поефтини прехрамбени производи:

„Се чувствува промена во структурата на производите кои се купуваат. Се повеќе се присутни поефтините производи. Дали тоа значи понеквалитетни, тоа потрошувачите најдобро го знаат.“

Според Васовски, граѓаните се повеќе го избегнуваат и готовинското плаќање.

„Немаме раст, имаме пад на прометот во постоечките маркети. Исто така уште еден показател дека куповната моќ на населението е намалена е енормното купување со платежни картички.“

Дел од граѓаните велат дека за сега не се чувствуваат погодени од кризата, но се плашат од влошување на состојбата во земјава.

„Не сум ја осетил кризата, но стравувам од неа.“

„Се уште кризата не сум ја почувствувала бидејки немам намера да купувам стан, па да гледам колку е цената на метар квадратен. Немам намера ни кола да купувам се уште.“


Инаку, индиректните ефекти од светската финансиска криза во земјава веќе се рефлектираат во реалната економија во земјава. Според последните неофицијални проценки во изминативе неколку месеци околу 14.000 работници се испратени дома.