Годинава се предвидени десет пати помалку средства во споредба со средствата за странски инвеститори

Бизнисмените и експертите сметаат дека државната подршка за малите и средни претпријатија е скромна, што не е случај во поразвиените земји. Отворање на нова фирма е краткотрајна процедура, но претставниците од овие претпријатија велат дека по основањето, тие сами се борат за опстанок. Управителот на средното претпријатие „Раде кончар ТЕП“ Горан Антевски, вели дека компанијата успеала да се крене од пепелта на пропадната државна фирма по две години приватно работење

„Во Македонија нема апсолутно никаква подршка на малите и средни претпријатија. Лично „Раде Кончар ТЕП“ немал никаква подршка до сега и сам се борел за освојување на пазарите, за работењето во Македонија.“

Проблем на компанијата, според Антевски, може да бидат ефектите од светската финансиска криза, кои во земјава се прелеаа во реалниот сектор.
Експертите потврдуваат дека подршката за развојот на малите и средни претпријатија во земјава е скромна. Роман Пападимитров од Фондот за развој на човечки ресурси вели дека за подршката на овие претпријатија во овогодинешниот Буџет се предвидени десет пати помалку сретства во споредба со парите предвидени за привлекување странски инвеститори:

„Ако нема развиено домашна економија, ниеден странски инвеститор нема да биде толку заинтересиран да дојде некаде каде не функционира домашната економија или домашниот бизнис, едноставно кажано.“

Според Пападимитров, бројот на отворени компании не е толку битен колку што е нивниот опстанок

„Значи не е битно колку компании се отвориле оваа година, битно е колку преживеали и колку опридонеле за отворање на нови работни места и така натаму.“

Од Министерството за економија, пак, велат дека странските инвестиции ќе придонесат за развој на домашните компании. Според Имерали Бафтијари од секторот за претприемништво и конкурентност, соработката со странските инвеститори ќе ги развие домашните компании.

„Во Република Mакедонија има еден проблем а тој проблем е преминување од една фаза во друга - од фамилијарно претпријатие кон понезависно претприатие или од тоа независно претприатие кон едно акционерско друштво. “

Инаку, според официјални податоци во земјава 98 отсто од регистрираните претпријатија се класифицираат како мали или средни, додека само 2 отсто од компаниите се сметаат за големи.