Експертите очекуваат стабилизирање на меѓуетничките односи

Откако Македонија го призна Косово, професорот Звонимир Јанкуловски вели дека тоа е чин кој ја одразува реалноста на односите кои се градат во регионот и во тој контекст ќе се одрази на внатрешен план и во Македонија врз меѓу етничките односи во правец на нивно стабилизирање:

„Веќе претходно се повика Македонија, во оние формални контакти, според меѓународното право, во меѓународен контекст признавањето беше прашање на време така што не верувам дека признавањето на Косово повеќе или помалку ќе ги наруши меѓуетничките односи во Македонија, напротив ќе се оди во правец на стабилизирање на меѓуетничките односи во регионот.“

Иако имаше и реакции во дел од јавноста со кои се промовираше и поинакво расположение, според аналитичарот Алберт Муслиу начинот на признавање на Косово главно не бил негативно претставуван, што води кон зајакнување на довербата:

„Знаете, и целата дебата во парламентот не беше негативно настроена, имавме негативни реакции кај некои граѓани, но за поздравување е што некои интелектуалци и медиуми целиот процес на признавање и бенефитите за Македонија почнаа да го претставуваат позитивно.“

Наспроти остриот став на Србија кон Македонија поради признавањето на Косово, премиерот на Србија вчера изјави дека владата ќе ја продолжи економската и другата соработка, коментирајќи дел од изјавите кои не кореспондираат во контекст на стабилизирање на односите во регионот, професорот Јанкуловски вели:

„Всушност е изјава која треба да не врати во еден период на застрашување, за можноста за формирање трета албанска држава во Република Македонија. Мислам дека повеќе се работи за емотивна изјава, отколку изјава заснована на реални основи.“

Муслиу се согласува дека чинот на признавање е една од мерките за градење доверба и оти нема крупни отворени меѓу етнички прашања:

„Но, нели имаме горечки проблеми за името и целиот наш процес на евро интеграции, и можеби тоа ги релативизира, што не значи дека тие не постојат. Нема некои горечки прашања, кои може да бидат конфликтни.“

Дел од прашањата кои според Муслиу треба да се најдат на дневен ред се интеграцијата во администрацијата, економијата и нејзината распределба и вклучувањето на сите страни во евро интегративните процеси:

„Многу работи се разрешени во претходниот период, така што резултатите од тоа веќе се чувствуваат во Република Македонија.“