Семејствата ќе мора да поминуваат соодветна обука и да исполнуваат други услови

Прилеп веќе не е прв град во државава според бројот на згрижувачките семејства на деца со психофизички недостатоци. Со примената на новите критериуми што ги воведе Министерството за труд и социјала политика веднаш бројот на потенцијалните посвојувачи се намали.Речиси половината од 20-тината пријавени семејства сами се откажале:

„Покрај извршената обука, едукација на овие згрижувачки семејства, 50% од тие барања самоиницијативно беа повлечени, останаа само десет активни семејства.“

Вели Снежана Јованоска, директорка на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа. Поголем дел од семејствата не ги исполнувале критериумите:

„При изборот на згрижувачкото семејство, треба да се води грижа за нивната возраст, степенот на образованието на згрижувачите и членовите од семејството, здравствената состојба, моралните подобности, материјалните услови во семејството како и станбените услови.“

Вели Адријана Мирческа, раководител на прилепскиот оддел за старателство,сместување и посвојување на деца. Освен тоа за сите семејства згрижувачи е задолжителна едукација. Во иднина социјално необезбедените семејства не ќе можат да бараат спас од финансиската криза во сместување на деца со психофизички недостатоци.

„Целта е да се врши контрола, значи да знаеме во какви семејства се сместуваат малолетните деца, а истовремено да им се помогне на згрижувачките семејства да се справат со проблемите на кои ќе наидат при згрижувањето на дете.“

Истакнува Јованоска. А секое семејство за згрижување само на едно дете добива околу 11.000 денари. Освен тоа децата имаат право на детски додаток. А, во Прилеп има повеќе семејства кои имаат згрижено и повеќе од едно дете. Вo моментов во 27 семејства се згрижени 56 деца од цела Македонија.А, во Домот за доенчиња во Битола 8 деца на возраст од еден месец до една година чекаат посвојување.