Подгорица: Филип Вујановиќ повика на национално единство

Филип Вујановиќ на синоќешната инагурација за претседател на Црна Гора повика за национално единство во напорите за зачленување на земјата во Европската унија. „Да ги обединиме силите. Само така можеме да изградиме заедничка европска иднина. ЕУ не обврзува да бидеме единствени,“ истакна Вујановиќ во Владиниот дом во Цетиње. Вујановиќ е реизбран уште во првиот круг од претседателски избори кои се одржаа на 6 април, кога доби повеќе од половина од гласовите на граѓаните со право на глас во земјата. Тој е претседател на Црна Гора од нејзиното отцепување од Србија во 2006 година.