И албанските политички партии посочуваат дека мора да се стори се за изборите да бидат мирни

Пораката за слободни, фер и мирни избори кој пред два дена ја испратија меѓународните претставници во земјава, истите ја објаснуваат како превентивна. Целта на соопштението е да се повика на одржување на мирни избори, за да се избегнат секакви нерегуларности кои би го поткопале реформскиот процес, велат од канцеларијата на Европската Унија во Скопје. Од канцеларијата за Демократски институции и човекови права при ОБСЕ,чии набљудувачи треба да пристигнат во следните две недели, велат дека е рано за каков било коментар околу очекувањата од претстојните избори:

„Ние ќе ги набљудуваме сите аспекти од овој изборен процес,вклучувајќи ја самата кампања, медиумското покривање,изборното законодавство,па секако денот на изборите, пребројувањето на гласовите и откако се ќе заврши ќе дадеме заклучок и оценка за тоа како помина целиот процес.“

изјави портпаролот на ОДИХР Јенс Хатен Ешенбахер.
На ниту една партија не треба да и се дозволи да ја загрози иднината на земјата преку изборни злоупотреби, измами, застрашувања, или насилства, се вели меѓудругото во апелот на амбасадорите на ОБСЕ, ЕУ и Американската амбасада во Скопје. Пораката е пратена навреме, вели Рафиз Алити од Демократската Унија за интеграција.

„Треба сите тие кои што се научиле со години да манипулираат со изборите да кренат рака од тоа и навистина да го бараат легитимитетот од граѓаните.“

И од Партијата за демократски просперитет велат дека ќе направат се за да се избегнат евентуални инциденти на изборниот процес:

„Ние во ПДП ќе се залагаме и ќе ја повикаме меѓународната заедница, и внатрешните органи навистина овој пат да спроведеме фер и демократски избори и да не и дозволиме на некоја политичка партија да продолжува со недемократска метода на гласање.“

Од министерството за внатрешни работи велат дека одговорноста за региларноста на изборите е кај политичките партии. Сепак од таму уверуваат дека полицијата е целосно подготвена да го гарантира јавниот ред и мир и во предизборниот период и за време на изборите.

„Ќе бидат направени соодветни планови, за дејствување на самиот ден на изборите, се разбира согласно изборниот законик кој точно пропишува растојание и присуство на полицијата на избирачките места.“

Изјави Иво Котевски, портпарол на МВР.