Генералниот секретар на НАТО Јаап де Хоп Шефер, потврди дека Македонија не доби покана за прием во НАТО. „Се надевав на три покани, но поради прашањето со името ситуацијата е таква и не можам ништо повеќе или помалку да кажам. Тоа е големо разочарување за вашата земја, но кога ќе го прочитате текстот на завршниот документ, ќе заклучите дека таму има охрабрување за вашата држава,“ рече Шефер како одговор на новинарско прашање. Поради грчкото вето, во заклучоците за Македонија е најдена формулација, дека за прием во НАТО не треба да се чека нов самит, туку дека можат да решат амбасадорите на НАТО оној момент кога ќе увидат дека спорот за името е решен. Во моментов во тек е средба на американскиот претседател Џорџ Буш со претседателот Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски. Не се соопштени детали што е темата на разговорите.