Повторно, без конкретни резултати

По четири часовната средба, Груевски, Шеќеринска и Имер Алиу, како претставник на ДПА, не успеаја да се договорат за Законот за јавни обвинители и собранискиот деловник. За деловникот, како што изјавија по средбата Груевски и Шеќеринска имало приближување на ставовите:

„Најпрвин ќе кажам дека комисијата којашто ги уредуваше техничките прашања, коишто беа околу 50 ја симна работата на четири. И ние практично разговаравме за четири што биле најпроблематични за таа комисија. И по тие точки имавме одреден прогрес, но на крајот не успеавме баш да се договориме.“

„Мислам дека по повеќе прашања постигнавме некаков компромис, но сеуште многу се отворени.“

Лидерот на ДПА пак, Мендух Тачи, на почетокот на состанокот беше присутен, а потоа си замина. Алиу по средбата изјави:

„Денеска не успеавме да постигнеме договор за деловникот за работа на Собранието. Ние како ДПА оценуваме дека не е добро тоа што го прави опозицијата во моментов, а тоа е блокада на донесување на новиот деловник. Тие и денеска се изјаснија дека се против секаква употреба на албанскиот јазик во Собранието.“

За законот за јавни обвинители СДСМ и ВМРО ДПМНЕ останаа на истите позиции:

„Јавните обвинители коишто се сега, треба пред Советот на јавни обвинители да покажат дали работеле добро или лошо во изминативе години, тие коишто работеле добро треба да добијат неограничен мандат, тие коишто не работеле добро не треба да продолжат да бидат јавни обвинители.“

изјави Радмила Шеќеринска.

На средбата не дојде лидерот на ДУИ Али Ахмети. Потпретседателот Рафиз Алити вели дека причината е агендата за разговори, а за неприсуството го информирале и премиерот Груевски:

„Треба на маса да биде и законот за јазици.“

Груевски пак вели дека тие ги прифатиле сите теми за кои лидерите сакале да разговараат.