Антонио Милошоски, министер за надворешни работи. Најсилен аргумент е вистината, Македонија нема простор за отстапки за спорот со Грција околу името

Господине Милошоски која е стратегијата за излез од ќорсокакот во преговорите за името со Грција, а во меѓународна употреба да остане уставното име на државава Република Македонија?

Мислам дека шансата е видлива, нема гаранција, но имаме голема шанса. Пред се, затоа што Македонија по уставното име е признаена од повеќе од 100 држави во светот, почнувајќи од Бразил, па до азиските држави, африкански држави, Словенија, Америја, Полска како членка на ЕУ. Значи, затоа ние секогаш потенцираме не постои разлика за името меѓу Скопје и Варшава, Скопје и Пекинг, Скопје и Анкара, Љубљана, Вашингтон, Берлин и други места. Постои разлика единствено меѓу Скопје и Атина и ние бидејќи тој спор има билатерални релации, сакаме да понудиме билатерален договор. Токму тоа е суштината на двојната формула.

Но, сепак како може да се убедат Грција или ОН, да ја прифатат употребата на уставното име и како решение за меѓународна употреба?

Има свој начин на делување и стратегија и мислам дека тој носи резултати. Нашиот најсилен аргумент е во нашата вистина, затоа што ние не одземаме ништо никому, се бориме за нашето уставно име и многу е лесно да убедите некого дека сте во право. Затоа што тоа е наше име што го избрал народот, наше име што го носиме со генерации и тоа е темел на нашиот национален идентитет. И ние немаме каде повеќе да отстапиме, бидејќи отстапките коишто се направени до сега, во однос на амандманите во Уставот и во однос на компромисното решение за знамето, се израз дека Македонија направила концесии и сега е време да се најде разумно реално решение.

Господине Милошоски, сведоци сме на остри реакции од Бугарија за случајот Мара Бунева. Зошто недостасуваат реакции со ист интензитет од македонска страна, кога на пример соседна Бугарија не ги почитува одлуките на судот во Стразбур, околу правата на македонското малцинство во оваа земја?

Мислам дека во однос на пресудите во Стразбур сепак никогаш до сега тоа прашање не постигнало толку голема видливот. Така што, и тоа условно кажано може да се смета за успех. Но, пред се успех на таа организација. Затоа што ние во нашите односи со тие организации, тоа е нивен став и нивно барање, државата директно да не се меша во нивната работа, затоа што го руши нивниот углед. Тогаш, тие организации, како што кажа господинот Васкопулос на една трибина во Скопје, не не поддржувајте директно и не ставаје патронат на нас, затоа што тогаш ние го губиме угледот во Грција, како грчки државјани да се избориме за своите права. Тоа е начин на работа и тој пристап го почитуваме. Од друга страна, се обидуваме да креираме што поголема позитивна атмосфера во соработката со нас и нашите соседи, во односите меѓу Македонија и Бугарија, бидејќи само во позитивна атмосфера некои недоразбирања и незгодни прашања може да се надминат.

Но, кога македонската страна ќе излезе со јасна стратегија околу заштитата на македонските малцинства во овие две соседни земји?

Мислам дека е избрана подолгорочна и повоздржана стратегија која има своја цел. Но, во секој случај мислам дека зајакнувањето на македонската држава економски и зголемувањето на можноста ние да имаме капацитети на тие луѓе кои се заинтересирани да им доделуваме стипендии да го продолжат своето образование тука, и на таков начин, индиректно, долгорочно да го поддржуваме нивниот човечки капацитет, за тие понатаму во своите места да се залагаат за своите права. Тоа е една долгорочна стратегија за која ние се залагаме, но во однос на која имаме ограничени капацитети. Инаку, не очекувајте да влегуваме во конфликти, со соседи заради недоразбирања кои ги имаат нивните влади со малцинските организации. Но, очекувајте дека ние на еден конструктивен начин ќе се обидуваме да им укажеме дека секое надминување на едно мало недоразбирање, значи и нивна и наша корист, а пред се корист за регионот.

Господине Милошоски, проблематична кохабитација со претседателот на државава Бранко Црвенковски, испразнети амбасадорски места во две клучни дипломатски позиции како Брисел и Вашинтон. Може ли да постигнете договор со претседателот Црвенковски околу испразнетите амбасадорски места и клучните цели во надворешната политика?

Мислам дека таа соработка, и покрај заладувањето кое беше предизвикано, да кажам од политички несогласувања ќе биде наскоро надминато.

Зошто наскоро?

Па, мислам дека доказ за тое е и седницата на Советот за безбедност што ја имавме. Тоа покажува дека дрќавниот врв дискутира за прашањата од национален интерес и мое мислење е дека Македонија многу брзо ќе ги пополни тие амбасадорски места кои се испразнети. Инаку, добрата вест е што очекуваме наскоро да се заврши целата работа околу добивање на агремани за нашиот кандидат за Вашингтон, најважното место од сите овие, но секако не помалку важни се и Лондон и Брисел. Не е тајна дека имињата во најголем дел се дефинирани. Според таа пропорција, која претходно владеела како џентлменски договор меѓу владата и претседателот и мислам дека тоа ќе се испочитува и овој пат.

Да преминеме на други теми, кога македонските граѓани ќе може да патуваат без визи?

Во споредба со другите земји, мислам дека откако ќе отпочнеме преговори со ЕУ, од тој датум, па во рок од две години ќе може да стигнеме до целосна либерализација. Тоа е реалната проценка. Дај боже, нашите капацитети да се посилни, да може да стигнеме порано да либерализација. Наше е да лобираме, и да добиваме што повеќе сојузници.

Има ли одговорност и од македонска страна за овој проблем. 15 години ги исполнуваме познатите услови за визниот режим, пасошите, договорите за реадмисија и нтегрираното гранично управување?

Па, мислам дека голема половина и повеќе од тоа е на наша страна. Особено во однос на пасошите. Тоа секогаш беше предмет на провизии, на одолговлекувања, и мислам дека виновни сме сами за ситуацијата во која се наоѓаме, а тоа е визно гето. Јас сум сигурен дека посветено ќе работиме на тоа и ќе постигнеме успех.

Дали Македонија ќе ја признае евентуалната независност на Косово?

Па, ние не би избрзувале со одговор на такви прашања бидејќи сеуште не го знаеме финалниот документ по однос на статусот на Косово. Но, веќе се насетува дека Косово ќе има статус на ентитет кој ќе може да добие и европска перспектива. Нашата стратегија е што поголема размена на информации со соседните земји, земјите членки на НАТО и другите земји во регионот за да можеме било што, очекувано или не, да го имаме во предвид и да се поставиме на најдобар начин. Јас имам директна политичка комуникација, паралелно со Приштина и Белград, без намера некого да запоставиме или да навредиме, покажува дека сакаме да развиеме еден однос на баланс и рамнотежа, за Македонија да може да си го задоволи својот национален интерес, без намера да наштети на нечиј друг национален интерес. Македонија има јасна позиција, а тоа е дека косовското прашање носи ризик во регионот, и неговото решавање носи ризик и тензија. Но, доколку решавањето на статусот на Косово се одолговлекува тогаш и ризикот и тензиите ќе се зголемуваат. Затоа, сакаме бидејќи ова е термин во кој треба да се отвори прашањето за статусот на Косово тоа да се отвори и што побрзо да се затвори со обединетост на најважните фактори а тоа се постојаните земји членки на Советот за безбедност на ОН.

Очекувате ли импликации за Македонија и регионот?

Мислам дека за сега ситуацијата е под контрола и државите во регионот. Меѓуанродниот фактор предолго инвестирале и време и пари и војска и дипломатија, така што мислам дека влогот е преголем за да се дозволи сето тоа да излезе надвор од контрола. Импликации ќе има во однос на затегнатоста. Секоја неизвесност носи поголема затегнатост и она што е сериозно во секој регион каде што има минимален кризен потенцијал е што за да се предизвика мал инцидент не е потребна голема инвестиција. Но, она што охрабрува е дека мнозинството граѓани и на Косово и во регионот се презаситени од мали или големи конфликти и навистина на сите им дошло до тоа нивните влади да им обезбедат услови за подобар живот. И тоа е најголемиот капитал што може да ја развие соработката во регионот.