Македонија мора да работи на реформите за постигнување европски стандарди

Паралелно со реформските процеси внатре во Европската унија, во земјава треба да се работи на постигнување на европските стандарди, оценува стручната јавност.

„ЕУ има потреба внтарешно да дебатира после неусвојувањето на Уставот околу политиката на проширување, во смисла капацитет и граници. И мислам дека сепак ќе преовладаат ставовите за давање еднакви шанси на земјите од Западен Балкан за рамноправно учество, оттука и изјавите на комесарот за проширување Оли Рен дека секоја земја индивидуално се стреми во исполнувањето на Копенхагенските критериуми.“

Изјави Зоран Крстевски поранешен вицепремиер за европски интеграции. Премиерот Владо Бучковски пак во интервјуто за радио Слободна Европа скептичен во однос на процесот на проширување на Унијата

„Дебатата околу проширувањето на Европската Унија добива веќе драматични размери. Во идеален случај ние да направиме и скандинавски избори и да ги направиме и сите оние чекори кои верувам дека онака како што ги водиме ќе резултираат со успех, а тоа се успешно завршување на судските и полициските реформи, во краен случај ако нема разрешување на дилемата која постои во ЕУ по неуспешните референдуми во Франција и Холандија, имаме сега продлабочување на кризата. “

Идеите за соработка помегу земјите во регионот можат да придонесат само за надминување на разликите што постојат во земјите. Првично економската соработка се предвидуваше само помегу земјите од Западен Балкан, но потоа се потпиша Декларација за проширување на ЦЕФТА или договорот за слободна трговија во Централна Европа:

„Упатувањето на регионалната соработка произлегува од прагматична причина, сепак тоа се мали земји во смисла на големина на економски пазар и поделеноста и неусогласеноста на правилата оневозможува развој на самата Европа,“

вели Крстевски. Економистите сметаат дека и за Македонија е подобро што сепак се одлучи економската соработка да биде поширока, а не само во рамки на Западниот Балкан

„Европа се корегираше во своите визии околу Западниот Балкан и Хрватска којашто точно знае што сака и знае како да си ја одбрани својата позиција, како услов за влегување во Унијата го постави влегувањето на Романија и Бугарија, зашто нема логика да продолжи оваа неконзистентна европска политика кон Балканот,“

изјави Љубомир Кекеновски од Економскиот факултет во Скопје.