Предизборна атмосфера во Собранието

Отсуството на кворумот, прекинот на седниците и честите паузи, стануваат се поприсутни во работата на македонското собрание. Иако пред законодавците стојат уште обврски што се дел од реформскиот пакет што произлегува од евро аспирациите, како и новото изборно закононодавство, лагодноста во однесувањето станува пропорционална со наближувањето на изборите. И власта и опозицијата признаваат дека предизборната атмсофера влегла и во Собранието. Сепак, одговорноста да се обезбеди кворумот, вели социјал демократот Јани Макрадули, останува во рацете на мнозинството:

„Често се случува и не е само кај нас појава, пред предизборите, нервозата завладува кај пратениците без разлика од која пратеничка група се и тие можеби вршат некој или не се сконцентрирани на работното место. Но, сепак функционираме нормално. Граѓаните ќе оценат, дали оние што се помалку одговорни, опозицијата, а добиваат плата, одговараат на обврските на гласачите што ги избрале.“

Иако сите се согласуваат дека нивна обврска е до крај да ја истераат работата, како се наближуваат изборите, вели Тито Петковски од новата социјал – демократска партија, интресот за седниците ќе опаѓа, зашто опозицијата ќе тактизира:

„Станува збор за тактика којашто претпоставувам како се доближуваат изборите и ќе се менува во функција партиите да поентираат пред избирачите.“

„Нормално е, секоја опозиција се бори да дојде на власт, не може ние да ја поддржуваме власта,“


вели Ванчо Стаменков од Земјоделската партија.

Од друга страна, Ганка Самоилова обврската ја префрла кај владата:

„Апелирам до крајот на мандатот и парламентот и владата најодговорно да се посветат на задачите кои се зацртани.“

Во другите парламенти се работи додека не почне кампањата, вели екс спикерот, либералот Андов, критикувајќи ја опуштеноста меѓу пратениците:

„Се зборува дека брзо ќе бидат изборите, тие работи не се зборуваат, треба луѓето да ги остават да работат.“