Предизборен маркетинг и „вплетканост“ на пари и интереси

Последните случувања во скопското село Кондово личат на предизборен маркетинг и тие се само потсетување на еден проблем што подолго време постои, оценуваат политичките аналитичари. Според професор Билјана Ванковска од факултетот за мировни и одбранбени студии, не е исклучена можноста ваквите настани во кои дел од актерите се од Косово да имаат последици во регионот.

„За жал, правната држава во Република Македонија и разузнавачките служби, до сега не верувам дека излегоа со јасна претстава што навистина се случува. Мислам дека зад кондовската приказна стојат и многу пари и интереси. Значи, тука не се работи за нарушување на меѓуетнички односи или некои спонтани случувања,“

оценува проф. Ванковска, додавајќи дека регионот се наоѓа во критичен период во кој треба да се решат неколку значајни прашања, почнувајќи од дефинирањето на конечниот статус на Косово, потоа одржување на референдумот за независност на Црна Гора, како и спроведувањето на фер и демократски парламентарните избори во земјава.

„Балканот е систем на поврзани садови. Нешто што се случува во толку мал простор, а со толку многу отворени прашања, не е чудо тие да имаат взаемно дејство.“

За професорот Назми Малиќи пак, од универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, не постои опасност од дестабилизација на регионот.

„Сите показатели покажуваат идна подолготрајна стабилност на Балканот и на земјите во овој дел,“

вели Малиќи

Според него случувањата во Кондово се внатрешен проблем на нашата земја, преку кој политичките партии ја покажуваат својата сила, а истиот не ги засега нашите соседи.

„Треба да размислат и политичките партии и тие на власт и на опозиција, колку ваквите потези ќе дејствуваат за внатрешната стабилност на земјата“

Аналитичарите оценуваат дека ваквите настани кои ја нарушуваат безбедноста на граѓаните влијаат врз процесот на приближување кон евроатлантските структури и оти за остварување на оваа цел треба да продолжи добрата меѓусоседска соработка.