Ирачката влада го продолжи полицискиот час во Багдад и во трите соседни провинции со цел да ги спречи верските судири за време на денешниот муслимански Ден на молитвата. И покрај полицискиот час, според некои информации, непознати напаѓачи упаднале во една куќа во Латифија, на триесетина километри од Багдад, при што убиле петмина шиити. Насилствата меѓу шиитите и сунитите во Ирак избувнаа откако пред два дена беше извршен бомбашки напад врз шиитската Златна џамија во Самара. Во насилствата досега загинаа над стотина луѓе.