Нема прием на нови членки додека има проблем со усвојување на евро уставот

Нема да има прием на нови членки во Европската Унија се додека постои проблемот со усвојувањето евро устав. Ова е ставот на официјален Белин кој најавува дека главна германска задача во наредниот период ќе биде токму Уставот на Европската Унија.
Заменик министерот за надворешни работи на Германија Герно Ерлер изјави дека Европската Унија не би можела да си дозволи прием на нови земји како Македонија и Хрватска се додека не биде решено прашањето со европскиот устав. ,,Ние треба да сфатиме дека без решение за Уставот, нема да биде можно да ги прифатиме сите земји кои веќе стојат пред вратата на Унијата,, оцени Ерлер во интервју за германското радио. Тој сепак смета дека приемот на Романија и на Бугарија е готова работа и оти тоа треба да биде завршено пред Германија да го преземе раководењето со Унијата во јануари идната година. Ерлер исто така ја поздрави интенцијата на Австрија, која сега е претседавач на Европската Унија, да создаде поблиски релации меѓу Унијата и Југоисточна Европа. ,,Многу сме задоволни поради тоа што австриското претседателство се нафати да помогне во постигнувањето напредок во Југоисточна Европа, на Балканот. Тоа значи дека многу прашања таму ќе бидат решени пред Германија да го преземе раководењето на Унијата,, вели Ерлер. Со влезот на Бугарија и на Романија, Европската Унија ќе стане заедница од дваесет и седум држави, што е максималниот број предвиден со Договорот од Ница според кого сега се раководи Унијата. Со овој договор се предвидува дека потоа земјите членки ќе мора да се согласат да го редуцираат бројот на членките во Европската комисија на помалку од дваесет и седум земји. Инаку, и Франција предупреди дека без Устав, другите земји кандидатки и они што се надеваат на тоа ќе останат во европското предворје. Хрватска и Турција веќе ги започнаа преговорите за прием, додека Македонија во минатиот месец беше прифатена како земја кандидат за членство во Европската Унија. Босна, Србија и Црна Гора и Албанија исто така изразија желба да станат дел од Унијата. Германскиот канцелар Ангела Меркел деновиве сигнализираше дека би сакала да ги заживее плановите за Европскиот устав кој во минатата година заглави откако граѓаните на Франција и на Холандија, на националните референдуми, го отфрлија предлог уставот на Европската Унија. Според аналитичарите, таквиот исход на гласањата во овие две земји е последица од претходното големо проширување на Унијата кога во неа беа примени десет нови земји од Централна и Источна Европа.