Промоција на реформираниот Генералштаб на АРМ

Свечено, без присуство на Врховниот командант на вооружените сили, претседателот Бранко Црвенковски, беше одбележана промоцијата на новата организација на Генералштабот на Армијата и завршувањето на првата фаза од имплементацијата на динамичкиот план за трансформација на АРМ 2005 – 2007:

„Согласно концептот за изградба на мала, ефикасна, обучена и доброопремена армија, способна да одговори на сите предизвици и опасности, како и учсетво во меѓународни операции за одржување на мирот, ГШ на Армијата има попрецизно дефинирани функционални области кои треба да овозможат непречена реализација на задачите и функционирање на АРМ. За разлика од претходната структура, новата структура има повеќе организациски единици и тоа: за персонален менаџмент, разузнување и контра разузнување, операции, логистика, планирање, телекомуникации, криптозасштита и информатика, обука и вежби, финансии и цивилно – воена соработка.“

изјави пред присутните началникот на ГШ генералот Мирослав Стојановски.

Министерот за одбрана Јован Манасиевски вети дека процесот на трансформација на АРМ и предвидените реформи ќе завршат пред предвидениот рок:

„Со ваквото работење во текот на годинава покажавме и во однос на нашите НАТО партнери дека сме кредибилен партнер, којшто преземените обврски ги извршува во зададените рокови, дури некои од тие обврски ги завршивме и пред предвиденото. Со ваквата динамика и стекнато искуство во овие девет месеци повеќе од убеден сум дека во зададените рокови успешно ќе ја завршиме целосната трансформација на АРМ. Врз основа на динамиката што ја покажавме до сега постојат одлични можности трансформацијата на АРМ предвидена за крајот на 2007 ја поместиме значително порано.“