Дане Илиев, претседател на Врховниот суд. Судсвтото и во 2005 година неефикасно и бавно

Како ја оценувате годинава во однос на работата на судството?

Нашите последни проценки покажуваат дека судството во 2005 година ќе остане со приближно толкав број нерешени предмети како претходната година. Тоа значи дека останува оценката дека тоа е сеуште неефикасно, споро, во голем дел процесите и постапките пред судовите траат подолго време. Но, се надеваме дека 2006, бидејќи сме влезени во фаза на реформа на судскиот систем, од донесувањето на амандманите на Уставот што се однесуваат на судската власт, новиот закон за судови, за судскиот совет итн, кои имаат за цел да ја забрзаат постапката пред судовите. Да обмислиме нова организација и систематизација пред судовите.

Оценката на дел од стручната јавност е дека измената на уставните амандмани се само добра основа за натамошна работа и многи е поважно како ќе се преточат во законски решенија. Според вас каде треба да се стави акцент?

Таа оценка е точна и јас ја давам. Најтешкиот дел е законот за судовите и негова имплементација. Мора да се определиме за друга организација на судовите. Ние како судска власт преферираме друг вид на судови, судови за казнени дела, граѓански дела, трговски дела, управни судови. Тоа е најтешкиот дел од реформата и за нејзиното спроведување јас да ви кажам искрено сум загрижен, затоа што тоа бара многу познавање и споредбени анализи.

Полемиката во јавноста беше за зависноста на судовите и политиката. Особено за случатите со албанската новинарка и екс владиката Јован. Како ги коментирате овие случаи?

За новинатката од Албанија немам сознанија. И за другиот предмет немам. Политиката не е вмешана во овие предмети. Се работи за примена на кривичниот законик.

Генерална оценка, за овие 15 години, имаше ли мешање на политиката во судството?

Генерална оценка – така во делот на мешање на политиката или поединци од политиката кои злоупотребиле дел од своите политички повици и овластувања во судски предмети има. Сето тоа зависи од интегритетот на самите судии. Полагаме и во идната академија да се изготви кодекс за однесување на судиите. Може да се променат сите прописи, но важно е и личностите кои работат да имаат интегритет.

Овозможува ли независниот судски буџет поголема независност?

Па, судскиот буџет вака како што е даден има многу позитивни мислења, но тоа е уште во повој. Сеуште немаме никаква автономност во поглед на буџетот. Главните приходи се од централниот буџет и министерството за финансии одредува колку пари ќе ви даде. Ние за сега сме во фаза на техничко спроведување на буџетот. Во капиталните инвестиции имаме поголема автономија, но таму средствата се недоволни. Не би рекол дека во материјална смисла сме добиле повеќе. Треба тој закон да се развива.

Дел од судиите се етикетираат за корумпираност. Како овој проблем треба да се реши?

Јас не би негирал нешто што се изнесува како заклучок. Сигурно дека како и во другите професии и во судската професија имаме јасно зацртани ставови. Тоа го знаат сите судови. Нема да држиме ниту еден судија кој макар малку влегол во тие води. Во 2005 имаме поголем број судии разрешени поради такво однесување.

Јавноста ја разбранува измената на кривичниот законик со кој се овозможува замена на казната затвор со парична казна. Тоа право го искористи Татјана Митровска, како го коментирате ова?

Мислам дека решението во кривичниот законик не е добро. Ние исто така не сме биле консултирани кога било направено ова решение. Судството беше затечено. Не е добро што се определи судот да ја замени казната на оваа госпоѓа. Мислам дека ако идејата е да се намали бројот на затворениците, тоа не е решение. Тоа решение е можеби и крајно спротивно на уставот, околу прашањето на еднаквоста на сите граѓани пред законот.