Можен ли е економски напредот со само два насто од буџетот за капитални инвестиции?

Десетина дена по завршувањето на преговорите помеѓу ММФ и Министерството за финансии кои завршија со утврдување на Буџетот за следната година, стартуваа разговорите со Владата за негово усвојување. Предвидено е Буџетот за 2006 година да тежи 103 милијарди денари. Според проекциите, даночните приходи ќе се зголемат за 6.6% во однос на годинава, што информираат од министерството за финансии се должИ на новопроектираниот раст И подобрената наплата на приходите. И оваа година најголем дел од буџетот, односно две третини ќе се одвојува на плати и социјални трансфери, а најмалку само 2% на капитални инвестиции.

„Добро би било во иднина, преку подобрување на општата економско социјална положба, да се намалуваат трансферите за социјални сфери, а да се зголемуваат капиталните расходи.”

реагира Живко Атанасовски, професор на Економскиот Факултет во Скопје.

Според него буџетската политика на една земја тешко се менува, особено ако економско-социјалната состојба во земјава е на незадоволително ниво. Од мисијата на ММФ препорачуваат одржување на фискална и монетарна дисциплина, како и натамошно одржување на буџетскиот дефицит на проектираното ниво од 0,6%. Според професор Трајко Славевски, парите од ММФ аранжманот првенствено се наменети за пополнување на буџетскиот дефицит, а вишокот треба да биде наменет за капитални инвестиции.

„Значи, таму е стриктно наведено дека парите ќе се користат за покривање на буџетскиот дефицит во Република Македонија. Тоа е затоа што ние сеуште немаме разработен систем за издавање обврзници со кои државата ќе го кредитира буџетот. Впрочем, тоа и не е посебен проблем, затоа што дефицитот веќе неколку години е под контрола.”

истакна Славевски

Од министерството за финансии информираат дека за идната година е предвиден економски раст од 4%. Препораките на ММф за одржување на ниска инфлација до 2% и макроекономска стабилизациона политика ја подели експертската јавност. Дел од економистите ја поддржуваат политиката на ММФ, а останатите со став дека истата не носи економски развој.