За помош на преживеаните од земјотресот во Пакистан

Хуманитарна мисија во Пакистан е она што ги чека петте соговорници, дел од десетчлениот медицински тим на Армијата кои ќе заминат во мисија за околу 2 недели. Тие ќе се обидат да им помогнат на преживеаните од земјотресот кој пред 1 месец со јачина од 7.6 степени уби околу 87 000 луѓе. Докторите велат знаеме како е и сочувствуваме со нив зошто и на Скопје му се случи истото. Но, потенцираат се чувствуваат помалку и исплашено од неизвесноста на она што ги чека таму. Само еден од нив микробиолог потполковник Јане Марков има претходно искуство во мировната мисија во Ирак:

„Ќе бидеме сместени во северниот дел на Исламабад, значи во она подрајче каде што помошта е неопходна. Ние инаку сме во еден посебен тим кој е деклариран во склоп на НАТО, така да претходно имавме и соодветна обука.„

За капетанот Елисавета Здравевска, млада докторка по општа медицина ова пак е прва мисија надвор од државата.

„Јас се подготвувам за најстрашното, гледајќи од телевизија, собирајќи информации од интерент, за тоа колку загрозени има, колку е уништен Пакистан… Планирам да дадам се од себе, затоа што имам и искуство за такви ситуации од терени во нашите гранични подрачја, секако дека таму е поинаку, но јас сум доктор и тоа е моја должност“

Во македонскиот тим има и стомалог. Доктор Александра Стојановски Ненадиќ вели дека хуманитарните и мировните мисии одамна и биле предизвик. Таа се подготвувала и за заминување во Авганистан, но не отишла. И за неа ова е прво искуство:

„Ќе бидам во склоп на холандската болница ќе се работи во операциона сала, мојата дејност ќе ја обавувам во склоп на можностите кои ги има таму“.

Најмладиот од сите, 23 годишниот болнички техничар од тимот за брзи интервенции Хајруш Аслани, вели дека е возбуден и одвај чека да отиде:

„Сакам да го доживеам тоа, да видам каква е ситуацијата и да помогнам во таа ситуација.“

Сите соговорници се во исчекување на летот кој ќе ги однесе до новото работно место. Владата пред два дена одлучи да додели 6.5 милиони денари за оваа нивна задача.