Подобрување на соработката на Балканот

На 5-ти ноември во Приштина ќе биде одржан неформален состанок на премиерите на Косово, Македонија, Албанија и Црна Гора. Целта на состанокот како што изјавуваат од косовската влада, е подобрување на соработката на Балканот, заедничко создавање на инднината и разрешувањето на некои отворени прашања.
Советникот на косовскиот премиер Раиф Гаши за Радио Слободна Европа изјави дека неформалниот состанок на четворицата премиери е закажан по иницијатива на премиерот на Косово, Бајрам Косуми:

„Закажан е неформален состанок на кој ќе учествуваат премиерот на Македонија Владо Бучковски, на Црна Гора Мило Џукановиќ, албанскиот премиер Сали Бериша и премиерот на Косово Бајрам Косуми, кој е и домаќин на состанокот“

изјавува владниот советник Гаши. Тој истакнува дека во текот на испраќањето на поканите се зело в предвид тоа што четворицата премиери се претставници на соседни земји со кои Косово има доста добри односи и комуникации, но и нивниот однос во врска со политичката иднина на Косово.

Идејата за овој состанок на премиерите од соседството, косовскиот премиер Бајрам Косуми прв пат ја соопшти по посетата на Албанија. Тогаш, но и подоцна премиерот Косуми оцени дека состанокот ќе претставува еден од чекорите што премиерите од земјите на Балканот ги преземаат на планот на промена на имиџот на овие земји и на Балканот воопшто, како и надминување на имиџот на држави и регион во кој имаше војни и судири.

Имено, целта на овој неформален состанок е да се создадат услови, Балканот да стане место каде нормално, без предрасуди и без товар од минатото ќе може да се разговара за отворените прашања и заедничко создавање на иднината, рече по враќањето од Албанија премиерот на Косово Бајрам Косуми.
Присуството на состанокот го потврди албанскиот премиер Сали Бериша, а премиерот на Црна Гора Мило Џукановиќ соопшти дека ја примил поканата и потенцираше дека за присуството на разговорите ќе одлучи откако ќе ги разгледа сите политички и други цели на состанокот.

Ова ќе биде прва посета на Косово за албанскиот премиер Сали Бериша и неговиот црногорски колега Мило Џукановиќ. Косовските аналитичари оценуваат дека одржувањето на овој иако неформален состанок ќе има исклучително значење за понатамошното создавање на клима за разбирање и подобра соработка на Балканот.