Пратеникот од грчката владејачка партија Неа демократија Никос Георгијадис побара од владата да го стопира нејзиното противење и да му одобри на северниот сосед да го користи името Македонија, јавува агенцијата Франс Прес, пренесувајќи делови од неговиот текст објавен во весникот Катимерини.
,,Грчката влада треба да и дозволи на северната соседна земја да го користи името Македонија како што тоа го прави целиот свет,, наведува пратеникот на Неа Демократија Никос Георгијадис во написот во саботно издание на весникот Катимерини во кое бара од владата да го прекине нејзиното четиринаесет годишно противење во врска со ова прашање. ,,Еднаш треба да сфатиме дека ја загубивме битката и оти колку повеќе го одлагаме тоа, толку повеќе ние ризикуваме,, оценува Георгијадис, во написот чии делови објави агенцијата Франс Прес наведувајќи дека Грција, која има регион со истото име го блокира нејзиниот северен сосед во добивањето меѓународно признавање како Македонија откако во илјада деветстотини деведесет и првата се одвои од Белград. Оваа земја, како што се потсетува, официјално е позната под името Поранешна југословенска република Македонија и со таа референца е примена во Обединетите Нации под чие покровителство се водат разговори меѓу двете страни за решавање на спорот. Светската организација досега постигна многу мал прогрес во нејзините медииаторски напори да најде заедничко прифатливо решение. Во меѓувреме, лани Соединетите Држави ја признаа земјата како Македонија со што, како што се додава, и удри дипломатска шлаканица на Грција. ,,Дипломатската битка што ја покрена Грција ја доведе во нејзина изолација,, смета пратеникот Георгијадис, барајќи од грчките лидери да го признаат тоа и да го докажат, како што вели, нивниот реализам и храброст,,. И покрај развојот на бизнис и трговските врски, Атина продолжи да ја држи тврдата линија во однос на името на соседната земја, па дури се заканува дека ќе го блокира нејзиното идно членство во Европската Унија и во НАТО, доколку претходно не биде постигнато компромисно решение. Грчката влада ги отфрли последните предлози за компромис на медијаторот Метју Нимиц што пак од властите во Скопје беа поздравени како добра основа за решение, наведува агенцијата Франс Прес, прецизирајќи дека тие преговори се уште во Грција не биле јавно објавени.