Согласност за прием на работници од новите членки на ЕУ

Мнозинството од електоратот во Швајцарија на неделниот референдум решија да им дозволат на работниците од десетте нови членки на Европската Унија да имаат право да работат во Швајцарија. На овој потег се гледа како на важен чекор во интеграцијата на Швајцарија во Европа и покрај нејзината традиционална неутралност од останатиот свет.
На реферндумот излегоа околу пеесет и четири насто од регистрираните скоро пет милиони гласачи. Од нив пеесет и шест насто се согласија работници од новите членки на Унијата, главно источно европски земји да можат да живеат и да заработуваат во Швајцарија. Портпаролот на Европската Унија Франсоаз Ле Беил вели дека тоа е голема сатисфакција за Брисел, особено поради фактот колку лесно и со колкав процент минал референдумот.

„Ова е крајно добро. Исто така е важен потег за имплементација на Шенгенскиот и на даблинскиот договор. И ова е многу добро за граѓаните на Швајцарија и на Европската Унија бидејќи ќе ги отстрани контролите на границите.“

Во Швајцарија, пред референдум што се одржа завчера бизнис и индустриските лоби групи, како и владата вршеа притисок за позитевно изјаснување на граѓаните со предупредување дека во спротивно Европа ќе го затвори пазарот за швајцарските производи. Десничарските политичари и некои синдикати беа за негативен одговор, наведувајќи дека со тоа земјата ќе биде поплавена со евтина работна сила од Исток. Портпаролката Франсоаз Ле Баил демантира дека Унијата вршела некаков притисок врз Швајцарија.

„Тоа не беше притисок. Тоа едноставно беше легално институционално објаснување дека доколку слободата на движење на работниците не се прошири и врз новите членки тогаш би имало репрекусии и врз другите билатерални спогодби што Швајцарија ги има постигнато.“

Шеесет насто од своите производи Швајцарија ги извезува во соседните европски земји. Затоа, според Даниел Кублер професор по политички науки на Универзитетот во Цирих, веќе не смеела да гласа против на последниот референдум. Сепак, како што додава, тоа не значи дека нејзините граѓани го изгубиле традиционалното чувство на независност и неутралност што ги карактеризира неколку стотици години. Напротив.

„Швајцарија, со ова свое ,,да,, само го намали притисокот врз неа да влезе во Европската Унија.“

Вели професор Кублер, кој додава дека на таков начин Швајцарија си ја зачува независноста и си го отвори патот да најде подобро место во модерна и интегрирана Европа.