Одредени реформи се одвиваат со потешкотии

За постигнување на европските стандарди во земјава, во наредниот период клучно ќе биде зајакнувањето на државната администрација која треба да ги спроведува, велат луѓето задолжени за евроинтеграцискиот процес на Македонија:

„Во досегашниот период усогласено е законодавството во клучните области. Се разбира дека усогласувањето на законодавството не е лесен, но не е ниту најтешкиот дел. Она што е најтешко е всушност обезбедување на институционалните капацитети за да може да се имплементира тоа ново законодавство. Тоа е она што ни претстои во наредниот период и тоа е она на што ќе мораме да се концентрираме во наредниот период, односно ќе мора да ја оспособиме администрацијата, но и стопанството, да се „носи“ со новото законодавство.“

изјави Драган Тилев, државен советник во владиниот секретаријат за европски прашања.
Областите во кои Европа постојано следи што е направено, се правилата за изборниот процес, полиција, децентрализација, имплементација на Охридскиот Договор, регионална соработка, судство. Во делот на судскиот систем во тек е јавната расправа за уставните амандмани. Луѓето од оваа фела не се согласуваат со неколку владини предлози, како оној министерот за правда да биде на чело на Државниот суски совет, а речиси едногласно се спротивставуваат на пробниот мандат за судиите:

„Не треба да има пробен мандат за судиите, затоа што европските критериуми за судии, зборуваат за тоа дека нема пробен мандат за судиите, туку правилното или неправилно работење се контролира преку редовното следење на судиската работа.“

вели Агим Мифтари, судија на Врховниот суд.
Едно од прашањата што се отвараат од страна на Унијата е и остварување на верските слободи што се актуелизираше со случајот Вранишковски.

„Од аспект на она што се вели реагирање на меѓународната заедница, нормално дека секој еден слободоумен човек е должен да реагира на еден или на друг начин, за секое обвинување или затварање на некого заради искажано мислење. Мислам дека сепак никој не смее да ве затвори заради искажано мислење, доколку тоа не повикува на верска, расна или каква и да било друга дискриминација и судири.“

изјави Јован Донев, професор на Филозовскиот факултет.
Претставникот на Европската унија за заедничка надворешна и безбедносна политика, Хавиер Солана неодамна пак истакна дека слободата на изразувањето и верската слобода, се централните аспекти во проценување на молбата за прием во Европската унија што ја поднесе Македонија.