Најмалку 2500 денари за стартот на школската година

Септември е тежок месец за граѓаните, а особено големо финансиско оптоварување е за оние кои имаат ученици дома. Покрај неопходните книги и училишниот прибор граѓаните велат треба да се поднови и детската гардероба. А и онака одвај врзуваме крај со крај се жалат тие:

„Книгите сеуште немаме видено, но како што гледаме по медиуми две до три илјади се за еден комплет.“
„Не сме почнале, ама тешко ќе биде и тешко дека ќе се врзува крај со крај.“
„Продаваме стари книги, купуваме стари.“


Некои од нив пак велат знаат колку е скапо па затоа не се одлучуваат да имаат деца:

„Имам син и снаа што не работат и јас ги издржувам. Ги терам да родат уште едно дете, ама со кои пари велат?“

Во книжарниците учебниците чинат од 200 до 250 денари.Но, поевтин начин е родителите да отидат на такананаречениот пазар за стари книги пред Македонскиот народен театар. Таму овој трошок е двојно помал:

„Има заинтересирани, книгите се 100 до 150 денари за основно, а има и за средно. Моментално интересот е поголем за основно.“

Другиот училишен прибор пак може да се купи од зелените пазари. На тезгите има тетратките за 8 денари и голем избор на моливи и гуми за малку пари. На неколку тезги подолу има и торби за учениците кои чинат околу 200 денари. И гардероба може да се најде на пазарот. Панталони за 500 денари и маици за 300. На крајот целосната сметка за оваа најефтина варијанта за подготвување на ученикот за стартот на учебната година, а и за прежививање на септември родителите ќе ги чини околу 2500 денари.