Дали во парламентот ќе мине предлогот за одлагање на новите услови за заминување во пензија?

Ако парламентот не ги усвои измените на законот за пензионирање, тогаш на 1 септември стартува новиот пензиски закон, според кој, жените ќе се пензионираат со 62, а мажите со 64 години старост. ССМ бара, барем во следните две години да продолжи да важи старото решение. Лилјана Јанкуловска, од секцијата на жени во Синдикатот, очекува да биде прифатено нивното барање:

„Значи ако се вработиме на 20 години, работниот стаж од 35 години, жената да може да се пензионира на 55 години, а мажот да има можност да се пензионира и на 60 годишна возраст, ако исполнува услов од 40 години работен стаж. А, како што сега стојат работите, ќе треба уште многу години да одработуваат, што веќе и здравствено не се во можност тоа да го сторат.“

Пратеничката Лилјана Поповска вели дека парламентот ќе застане врз барањето на синдикатот за што зад иницијативата стојат десетина пратеници од речиси сите пратенички групи:

„Каков ќе биде конечниот исход, навистина не би можела да прогнозирам. Инаку, со овој предлог се обидуваме да го продолжиме транзициониот рок од еден во друг систем на пензионирање и со тоа да се овозможи пензионирањето да се продолжи до крајот на 2007 година когра практично и завршува имплементацијата на законот за пензионирање во целина.“

Граѓаните се засегнати од измените во пензискиот систем. Пензионирањето според староста за нив е неприфатливо:

„Треба со помалку стаж да одат во пензија. Гледате дека младите немаат што да работат. Нека одат со помалку, нека се вработува друг човек.“
„Кој би отишол во пензија ако му е арна работата.“
„Не го прифаќаме, овие младите кога ќе дочекаат пензија?“


Искуствата од другите земји, вели Јанкуловска, преферираат пензионирање според стажот. Работниците во поодминати години не се здравствено способни да работат квалитетно. Затоа и работодавците застанаа зад синдикатот:

„Еден од најзначајните ефекти е овозможување на младите стручни кадри да најдат вработување. Значи, ќе се пензионираат оние кои го одработиле својот работен век и на нивно место ќе дојдат млади стручни кадри. Затоа и работодавците не поддржаа во оваа иницијатива.“