Најмногу погодени земјоделците, државата без резервно решение

Македонските извозници на производи на Косово ќе плаќаат царина од осум насто за извоз на нафта, пиперки, кромид, вино и други производи. По едногодишните преговори помегу Македонија и Косово, косовската страна одлучи да воведе царини кон земјава. Ова се случува во момент кога премиерите од земјите од југоисточна Европа во Салзбург, донесоа одлука да ги заменат двостраните договори за слободна трговија со една спогодба, што ќе важи за целиот регион. Од Европската комисија го поздравуваат донесувањето на договорот за слободна трговија за целиот регион, бидејќи води кон забрзување на процесот на интеграција кон ЕУ. Од стопанската комора на Македонија пак велат дека секое воведување на царински стапки ја отежнуваат економската соработка со одредена земја и тие претставуваат удар за стопанствениците кои извезуваат во таа земја:

„Стопанствениците секогаш треба да бидат подготвени на предизвици и воведување на бариери. Тоа е еден аспект. А, втора работа е нашите државни органи континуирано да вршат преговори за подобри услови на македонските стопански субјекти во комуникацијата со други земји,“

вели Венко Глигоров од стопанската комора на Македонија. Тој додава дека најголем удар од воведувањето на царините ќе претрпат земјоделските производители и потенцира дека треба да се направи стратегија која ќе ја олесни соработката со стопанствениците од двете страни. Од друга страна пак, Зоре Темелковски, сопственик на фирмата Ино Спектар, која подолго време извезува на косовскиот пазар, вели дека вината не треба да се бара кај косовската страна, туку во пропустите на македонското законодавство:

„Ова може е добар сигнал за враќање на членот 50 кој беше еден од главните столбови за стимулација на извозот во Македонија, кој ослободуваше увоз за извоз, но заради криминогениот став на поединци кои ги лоцира државата ние денес го немаме во законодавството тој член, затоа што тогашните структури проценија дека е најдобро да се укине.“

Од стопанската комора истакнуваат дека Косово е најважниот стопански извозен пазар со суфицит во размената од 170 милиони долари годишно.