Ордените од НОВ признание за борбата за слободна Македонија

Храброст за пари не може да си купите, но можете орден за 100 денари. Веднаш до МНТ, во центарот на Скопје, на тезга се продаваат ордени, уште од турско време. Нивната цена достигнува до 200 евра, а купувачи се најчесто колекционерите, вели продавачот:

„Вистинските колекционери купуваат од нашите, југословенските си ги сакаат.“

Токму таков орден за храброст од поранешна Југославија има Никола Стојановски за заслугите од Втората светска војна. Уште во текот на војната се делеле ордени и Стојановски вели дека тоа било дополнителен мотив во нивната борба. Од тој период поседува и плакети за учество во партизански одред и за заслуги за народот, вели дека орденот претставува признание за неговата борба за слободна Македонија.

„Чувството е инзвонредно. Лично јас го доживеав како признание за моето учество во НОВ, и за тоа што активно сум се борел и ранет сум за време на борбите со партизанскиот одред во велешко. Така што за тоа имам добиено ордени и признанија.“

Стојановски учествувал во војната од 18 годишна возраст. Вели дека во тој период имало околу 20 признанија и ордени кои биле доделувани:

„Би ги споменал само неколку, на прво место орден за храброст, медал за храброст, партизанска ѕвезда итн.“

Признанијата од НОВ до сега беа единствените што можеа да ги поседуваат нашите борци. Македонија за прв пат по 14 години самостојност промовираше свои. Пет ордени, два медала и едно државно признание повелба на Република Македонија ќе бидат доделувани на граѓаните кои ќе ги заслужат.