Некои сметаат дека експертите се само декор, некои дека тие не може да имаат монопол врз мислењето

Владата декларативно ги ангажира експертите во изработувањето на одредени решенија, со цел научниот потенцијал да биде ставен во функција. Но, проблем е што во тој ангажман науката има улога само на декор, вели Тања Каракамишева, од правниот факултет во Скопје:

„Владата однапред има веќе однапред смислен концепт и експертите ги повикува само да се потврди тој концепт, така што сметам дека е грешка на владата, доколку експертите ги користи само половично, а не целосно.“

Критиките како овие, за кои говори Каракамишева, која има искуство во експертската група ангажирана од владата за измените во Уставот, не се основани, вели Мерсел Биљали, советник на премиерот. Експертите не можат да бидат единствените што ќе имаат монопол врз мислењето, вели Биљали:

„На пример може повеќе мислења да се вклучат во одлука. Не може експертот да мисли дека има ексклузивно право на исправно мислење.“

Според професорот Ило Трајковски, од филозофскиот факултет во Скопје, релацијата меѓу експертите од една страна и владата како политички орган од друга е амбивалентна, односно, владата има потреба од вклучување на науката, но владата дефинитивно треба да биде органот што ќе ја води политиката:

„Често пати и експертите во своите предлози внесуваат политика. Тие се избрани од владата по преференција. Не се случува влада да бара експертиза од партиски спротиставени експерти. Но, и внатре кога ќе избере партиски експерти тие имаат политичка, би рекол, под агенда.“

Каракамишева пак вели дека проблем е што во Македонија постои искривено гледање на политиката:

„Ние мислиме дека ако нешто е содржано во политичка програма добра за конкретна политичка опција слепо се држиме за таа политичка програма. Ние не сме политичари. Одговорноста ќе ја преземат политичарите, но за целокупната јавност да не ја носи најголемата одговорност за неуспехот на некои реформи коишто сите нас не тангираат, најдобро е во таа релација да се слушне и констатира како факт експертскиот став.“