Загинаа над две илјади луѓе

Во силниот земјотрес што синоќа ја погоди западна Индонезија, според последните информации, загинале скоро две илјади луѓе. Потресот бил во непосредна близина и со само нешто послаб интензитет од оној што кон крајот на минатата година го предизвика катастрофалното цунами во кој загинаа околу триста илјади луѓе.
Индонезискиот центар за катастрофи соопшти дека на островот Ниас загинале околу илјада луѓе и оти таму веќе пристигнале првите спасувачки тимови. Од друга страна се уште нема конкретни податоци за тоа какви се последиците од земјотресот во крајбрежниот дел на Суматра. Индонезискиот потпретседател Јусуф Кала изјави дека бројот на жртвите би можело да биде скоро две илјади.

,,Станува збор за мала област. Ниас има седустотини илјади жители. Ќе ни биде потребна странска помош.”

Изјави специјалниот пратеник на претседателот на Индонезија Силалахи. Епицентарот на синоќешниот земјотрес со сила од осум запирка седум степени според Рихтеровата скала бил блиску до епицентарот на потресот со интензитет од девет степени што го покрена цунамито кога кон крајот на минатата година во неколку земји на Јужна Азија загинаа околу триста илјади луѓе.

,,Ова изгледа како брат близнак на земјотресот од дваесет и шестти декември. Иако е малку понајуг од претходниот, сепак станува збор за ист вид на потрес.”

Вели Кери Сиех од Американскиот институт за геолошки истражувања. По најновиот земјотрес, многу крајбрежни земји во тој дел на Азија упатија предупредувања од можни цунами бранови, што предизвика паника кај наслението. Агенциите јавуваат дека во провинцијата Ачех имало појава на бранови во висина од три метри кои направиле големи штети во пристаништето Симеулуе.

,,Ние на ова гледаме како на уште еден пример за панично ширење на длабоката загриженост кај и онака преплашеното население. Тоа ќе ги отежне не само напорите за помош, ами и напорите за обнова на регионот.”

Оцени координаторот на Обединетите Нации за итна помош Јан Егеланд. Имено, сеизмолозите се на мислење дека најновиот земјотрес би можело да предизвика уште неколку силни потреси во тој регион во наредниве три месеци.