Зависност и секојдневие за невработените

Покрај обложувањето за натпревари на познатите фудбалски лиги, се поголем број љубители на спортот, се обложуваат во безбол, хокеј, тенис или голф. Во последно време, се забележува зголемен тренд на обложување на ски – скокови, нордиско трчање и трки на коњи и кучиња, велат вработените во спортските обложувалници:

„Тоа е зараза, луѓето се навикнати да имаат ливче. Тие немаат што да прават, и својот ден го исполнуваат со тоа. Навикнати се да имаат ливче и да пратат. Тие знаат неколку фаворити од безбол, да речеме, Њујорк Јенкис, и сите го играат. И кога ќе изгуби Њујорк Јенкис, тогаш никој нема добивка,“

вели Александар, менаџер на спортска обложувалница. Тој истакнува дека повеќето луѓе кои се обложуваат се невработени. И тие најчесто позајмуваат пари за да уплатат ливче:

„За некои луѓе тоа е нивно секојдневие, живот. Мислам дека ништо друго не работат. Има луѓе кои тука се од осум наутро, до навечер до девет, десет.“

Драган Георгиев е редовен посетител на спортските обложувалници. Тој вели дека најчесто се обложува на помалку познатите лиги, а билтенот му е единствен, но и доволен информатор за типување.

„Втори, трети, четврти лиги што се, подиви лиги, тие ми е некако посигурни. Таму, првиот на табела, со последниот кога сака може да го победи, ако сака, ако има потреба. Тоа е, тоа следам. Играм хокеј, кошарка, се.“

За други пак, тенисот е најпривлечен за обложување:

„Играм 18 пара, фискни. Па, други препишуваат од мене ливчиња и тие добиле заедно со мене.“

И жените се обложуваат, но посилниот пол е најзастапената публика во обложувалниците. Редовните играчи велат дека подобро е парите да се потрошат во обложувалница, отколку во кафеана.

„Во кафеана ќе отидеш, ќе се опијаниш, овде не можеш да се опијаниш. Пиеме кафе од автомат, и се надеваш дека ќе добиеш, таму нема што да добиеш.“

До сега, најголемиот влог на едно ливче изнесувал сто илјади денари, а најголемата добивка, 25,000 евра.