Атина: Застрелан полицаец

Грчки полицаец беше застрелан утрово од два непознати напаѓачи додека бил на должност пред домот на военото аташе на Велика Британија во предградие на Атина, соопшти грчката полиција. „Во починатиот полицаец истрелани се осум куршуми. Тој се обидел да возврати на нападот, но не успеал. Напаѓачите го земале неговиот службен пиштол“, соопшти претставник на грчката Служба за обезбедување на високи претставници. Полицијата истакнува дека најверојатно се работи за терористички напад и оти напаѓачите се обиделе да ја нападнат резиденцијата на британското аташе. Грчката терористичка група "17 ноември" во јуни 2000 година во Атина го уби военото аташе на Велика Британија Стивен Сондерс со образложение дека бил еден од планерите на нападот на НАТО врз тогашна Сојузна Република Југославија во 1999 година. Тоа беше последниот напад на "17 ноември" по што уследи ангажирање на британската полиција и апсење на 19 членови од кои 15 се осудени на доживотен затвор кон крајот на 2003 година.