Каиро: Погребна церемонија за Јасер Арафат

Во Каиро заврши погребна церемонија за палестинскиот лидер Јасер Арафат на која присуствуваа шефови на држави и на влади и министри од четириестина земји во светот. По ова испраќање, извршено со воени почести, телото на Арафат со авион беше префрлено во Рамала, каде што ќе биде погребано. И покрај желбата на Арафат, Израел не дозволи тој да биде погребан во Ерусалим. Дополнителни израелски сили денеска, како што јавуваат агенциите, биле распоредени по должината на Западниот Брег во случај на евентуални немири по повод погребот на палестинскиот лидер кој вчера, на седумдесет и пет годишна возраст, по неколкудневна кома, почина во воената болница во Париз.