Брисел: Прашање на време е кога земјите од Западен Балкан ќе влезат ЕУ

Во процесот на приближување на земјите од Западен Балкан до европските стандарди повеќе не се поставува прашањето дали тие ќе влезат во Европската унија, туку кога ќе се случи тоа, изјави денеска Кристина Галах, портпарол на високиот претставник на ЕУ за заедничка надеворешна политика и безбедност Хавиер Солана. Галах истакна дека динамиката на реформите во регионот ќе биде едно од клучните прашања со кои ќе се занимаваат министрите за надворешни работи на ЕУ, земјите кои следната година ќе влезат во Унијата, државите кои имаат статус на кандидати, како и шефовите на дипломатиите на петте балкански земји на состанокот во Брисел.Таа нагласи дека ваков состанок, кој би бил прв од овој вид, ќе претставува реализација на одлуките од Солунскиот самит ЕУ-Западен Балкан, од јуни оваа година. Галах рече дека овој состанок би имал три цели, зајакнување на политичкиот дијалог меѓу ЕУ и западнобалканските земји, оценка на реализираниот напредок во остварување на она што е договорено во Солун и оценка на достигнувањата во спроведувањето на реформите во секоја земја поединечно. На овој форум, како што напомена Галах, ќе бидат присутни сите клучни личности од регинот, како што се шефот на УНМИК Хари Холкери, високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина Педи Ешдаун, специјалниот координатор на Пактот за стабилност во Југоисточна Европа Ерхард Бусек и други.