Компјутери ќе го чуваат здравјето на човекот

Замислете – ситни компјутери вградени во човечкото тело со цел да го одржуваат неговото добро здравје. Звучи премногу фантастично за да е можно. Барем за сега, велат експертите кои ја истражуваат идејата Де-Ен-Ка, основниот чинител на животот, да биде вграден во новата генерација компјутери.
Пред десетина години, научниците сфатија дека човечките келии и компјутерите на ист начин ги преработуваат и ги складираат информациите. Основите за таканаречените Де-Ен-Ка компјутери ги постави Леонард Едлмен од Универзитетот во Јужна Каролина за чии скици се заинтересираа, а потоа и финансиски го поддржаа проектот американските агенции НАСА и Пентагон. Сега неколкумина истражувачи, надевајќи се дека ќа ја зауздаат силата на животот, веќе создаваат мали биолошки компјутери. Станува збор за лабораториски цевчиња со вода во која има Де-Ен-Ка. Таквата течност е насочена да работи на алгоритми и на исфрлање податоци. Сите се согласуваат дека проблемите што досега ги решиле овие компјутери се толку основни што и децата побргу ги решаваат. Но, истражувачите очекуваат во блиска иднина тие да бидат вградувани во луѓето со цел да ги запираат вирусите, да ги поправаат расипаните келии и да го одржуваат нивното добро здравје. Научниците исто така, веруваат во идејата дека генетскиот материјал може сам да се размножува и да прерасне во толку моќни процесори кои би можеле да се занимаваат со проблеми кои се премногу компликувани за сегашните компјутери кои се врз база на силициумот. Најнакрај, експертите планираат да создадат компјутери што сами би се одржувале и би можеле например, да се користат на патувања по далечната вселена. Скептиците пак, сметаат дека до тогаш ќе мине многу време, бидејќи и самите биолози се уште настојуваат да дојдат до контролата и до разбирањето на животот. Попрецизно, да одговорат на прашањето како и зошто Де-Ен-Ка собира и прима податоци. Познато е дека Де-Ен-Ка е исклучително кревка и подложна на грешки што го покажува бројот на заболените од рак во светот. Исто така, еден од проблемите е и тоа што Де-Ен-Ка не секогаш се однесува онака како што се очекува од него. Овие и другите сознанија ги ублажија почетните очекувања дека Де-Ен-Ка ќе може да ги замени силициумските чипови. Сепак, научниците и натаму веруваат дека претстои кумпјутерска револуција. Само еден грам Де-Ен-Ка голем како коцка шеќер може да сочува исто толку информации како илјада милијарди компакт дискови.