Државите од регионот во Солун ќе добијат многу помалку од очекувањата

Во документите на институтите на ЕУ се најавува нов документ кој се нарекува европско партнерство за интеграција, што претставува само збогатување на процесот за стабилизација и асоцијација, изјави професор Добринка Тасковска од правниот факултет која објаснува што значи овој инструмент за Западниот Балкан:

„Значи, повторно нов инструмент за Западниот Балкан, сличен како и претходните, но не и идентичен. Повторно како посебна категорија. Тука има неколку нивоа: зајакнување на заедничката соработка со овие земји, нивно учество – макар и симболично – во заедничката надворешна и безбедносна политика, отворање на некои програми за нив, меѓутоа многу помалку отколку што се очекуваше, зголемување на финансиската помош повторно помалку отколку што се очекуваше и што беа лобирањата на одредени земји членки на ЕУ, како на пример Грција“

За тоа што може Македонија да очекува од самитот во Солун таа вели:

„Финансиската помош ќе продолжи, а малку и ќе се зголеми. Во Периодот 2004-2006 година, но акцентот се става на експертската помош. Тоа значи дека првин треба да имате сериозни, стабилни и функционални институции за да можете да ги процесуирате финансиските средства“

Тасковска посочува дека многу истражувачки институти прават реални споредби колку напредокот кај земјите кандидати е поврзана со помошта:

„Учеството на финансиската помош од ЕУ во националниот бруто производ на Бугарија и Романија е неколку пати поголем од учеството на помошта во земјите од Западниот Балкан. Постојат и некои пресметки за околу една милијарда евра за овие две земји. Споредувам со нив бидејќи се поблиску, дел се на регионот на Југоисточна Европа, а иста е и ситуацијата со земјите кои веќе од мај 2004-та ќе станат членки на ЕУ, така што и апсолутно и релативно помошта на Западниот Балкан е многу помала од помошта на овие земји и таа помош се користи за други потреби – хуманитарна помош, бегалци, постконфликтен период“

Според неа овие разлики се должат на повеќе работи:

„Проблеми внатре во земјите на Западниот Балкан за коишто сите сме свесни – од најкрупните стратешко-политички, но и до капацитетот на нивните политички елити, до стабилноста на институциите, а се должат и на се уште недоволно агресивниот пристап на ЕУ кон овој регион, повеќеслоен, подобро димензиониран, поизнијансиран, којшто по мое длабоко убедување ќе биде не само политички туку и економски корисен за самата Европска Унија.“