Повлекувањето на Георгиевски отвора простор за нови луѓе

Повлекувањето на досегашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Георгиевски без оглед на намерите во тоа да се гледа некаква тактика е реално повлекување кое остава простор за доаѓање на нови луѓе:

„Се лажат сите тие кои мислат дека почесниот претседател од неговиот кабинет уште долго време ќе успева да ја раководи партијата. Едноставно, новите луѓе, новиот човек, ќе внесе и дел од својот стил на работа, без разлика дали ние него го знаеме или не, а случајно го познаваме стилот на работа на господинот Груевски. Во таа смисла, мислам дека ВМРО-ДПМНЕ дека е во добивка“.

оценува директорот на Форум центарот за стратешки истражувања Ѓунер Исмаил.

Праксата покажува дека во транзициски општества:

„Процесите во кои доминираше брзо проверување и на политичките партии и на државната управа се покажаа како најуспешни“.

Ова во праксата на македонските политички партии е досега непознато, вели Исмаил и оттаму е смената на лидерот на ВМРО ДПМНЕ е чин за поздравување . Тешкотиите со кои ќе се соочи новиот лидер не се мали вели Исмаил:

„Гледајќи го историјатот на ова ново, последно ВМРО во македонската историја, ќе видиме дека таа партија се уште не е имунизирана од класичните шеми на настанување. Како што знаете, службите на поранешните социјалистички држави партиципираа во создавањето на сите политички партии и во таа смисла не верувам дека ВМРО-ДПМНЕ докрај се има ослободено од тие пенетрации и дека ќе се ослободи кога и да е. Второ, во четирите години на власт покажа дека не е имуна од сите транзициски пороци – корумпирањето на партијата, расипувањето на кадрите се уште не е идентификувано, но евидентно е дека постои и во таа смисла новиот лидер ќе има работа да гуша. Се разбира, почнувајчи од самиот себе па до првите стомина на списокот на најважни членови на ВМРО-ДПМНЕ“.

Сеуште е рано да се одреди насоката или концепцијата на новиот лидер на сега најголемата опозициска партија , но извесно е дека од голема помош ќе му биде неуспешноста на актуелната власт

„бидејќи тие ја покажуваат недоволната оспособеност да ја владеат земјата на начин за кој што говореа на изборите“.