Македонија може да се пробие на европските пазари главно со земјоделски производи

Со оглед на состојбата во земјава ние можеме најбрзо да излеземе на европскиот пазар со земјоделски производи, вели професорот на правниот факултет Трајан Бендевски кој додава оти Македонија не може да конкурира со производи од индустријата, електрониката и слично:

„Македонското стопанство, за успешно вклучување во меѓународната поделба на трудот, со државите членки на Европската унија – сегашни и идни – е во сферата токму на производството на храна. Тоа се должи на фактот што Македонија поседува бројни компаративни географски и климатски услови во споредба со повеќето држави членки на Европската унија. За да се реализира тоа, крајно време е Македонија да оствари конзистентна аграрна политика, да се заведе контрола на увозот, да се утврдат упатства за корисниците на заштитните средства и семињата. Кај нас владее претставата дека ние произведуваме еколошка храна, дека тоа треба да ни верува и Европа и интензивно да увезува наши производи“.

Според него, валвото уверување нема реална основа зашто постои хаос во повеќе области:

„Се увезуваат заштитни средства без никаква гаранција, само и само да бидат поевтини, а не се води контрола на нивното користење“

Токму во оваа област на земјоделството треба најмногу да се работи, бидејќи како што вели Бендевски:

„Европската унија има најконзистентна политика баш во оваа област. За разлика од нашава држава, која како да се плаши да преземе некои интервенции во сферата на аграрот, како да се плаши дека со тоа ќе ги поремети пазарните законитости. Во Европа состојбите се сосема поинакви. И не само во Европа. Ретки се државите во светот кои не спроведуваат заштитна политика на своето земјоделство“

Меѓу другото професорот смета оти во овој процес особено важна е регионалната соработка

„Како ние можеме да претендираме, да обезбедиме почитување на критериумите и стандардите што важат на целиот европски континент, ако не направиме порадикални чекори тоа да го обезбедиме со првите соседи“.