Првите сто дена на владата успешни

Претседателот на Владата на Република Македонија и лидер на СДСМ Бранко Црвенковски попладнево се сретна со претседателот на Демократската унија за интеграција Али Ахмети.

Како што се вели во соопштението од Агенцијата за информации, на средбата се разговарало за функционирањето на коалиционата Влада во првите сто дена, како и за актуелната политичка, безбедносна и економска состојба во земјава.

Првите сто дена од функционирањето на коалиционата Влада и покрај наследената тешка економско и безбедносна состојба во земјава, биле оценети како успешни. Притоа, е констатирано дека коалиционата соработка се одвива на задоволително ниво, а трансферот на власта во најголем дел е успешно завршен.

Црвенковски и Ахмети ја потвдиле "силно изразената политичка волја за целосна имплементација на Рамковниот договор". Како приоритетни се оценети оние законски решенија кои ќе доведат до побрза интеграција, борба против организираниот криминал и корупцијата, јакнење на институциите на државата и повторно враќање на довербата и поддршката кон Република Македонија од страна на меѓународните финансиски институции, во насока на довршување на економските реформи.

Коалиционите партнери се согласиле во наредниот период, Владата на Република Македонија да ги продолжи реформските активности и да посвети особено внимание на создавањето поволна клима за економски раст.

"Заеднички беше оценето дека државните институции повторно воспоставуваат контрола врз целата територија на Република Македонија", се вели во соопштението.

На средбата била изразена "безрезервна осуда на секој вид насилство, без разлика на политичката или криминална заднина или било кои други активности што водат кон дестабилизација на земјата". Во таа насока, е изразена цврста поддршка и охрабрување на државните институции во бескомпромисна борба против секој вид радикализам и екстремизам, без оглед на етничката боја.

Црвенковски и Ахмети констатирале дека иднината на Република Македонија и на сите нејзини граѓани е во целосното спроведување на Рамковниот договор, почитување на уставниот поредок, унитарниот карактер на државата и нејзината територијална целовитост.

"Еден од главните приоритети на коалиционата Влада останува обезбедувањето на мирот и безбедноста на целата територија на државата, враќањето на раселените лица во нивните домови и јакнење на меѓусебната доверба помеѓу граѓаните од сите заедници кои живеат во Република Македонија", се наведува во соопштението од средбата Црвенковски - Ахмети.

На својата прва средба, двајцата лидери ја потврдиле и цврстата заедничка определба дека приоритетен и стратешки интерес на нашата држава е соработката и зачленувањето во НАТО и приклучувањето на Република Македонија во Европската унија.