САД од една, Германија, Франција и Русија од друга страна остануваат на ставовите

Шефовите на инспекторските тимови денеска го напуштија Багдад со повеќе документи за ирачкото оружје и со поголем оптимизам дека режимот на Садам Хусеин ќе соработува. Рускиот претседател Владимир Путин кој по престојот во Берлин денеска е во Париз најави потесна соработка на овие три земји во изнаоѓањето мирно решение околу проблемот со Ирак.

Еден од шефовите на инспекторските тимови Ел Барадеи соопшти дека, за време на дводневните разговори во Багдад, бил направен добар напредок околу ирачкото разоружување. Тој прецизира дека забележал промена во јадрото на ирачката интенција да ги исполни барањата на Обединетите Нации за разоружување.

„Имавме три крајни цели за кои дојдовме – целосна инспекција, потполна ирачка соработка и покренување на преостанатите прашања од ирачкото разоружување. И мислам дека направивме добар прогрес за сите овие прашања.“

изјави Ел Барадеи кој заедно со Ханс Бликс треба да го подготви извештајот што на 14-ти овој месец ќе му биде презентиран на Советот за безбедност. За таа седница на Советот најавен и новиот греманско-француски план со цел спречување на војната со Ирак, а со кој се предвидува разместување дополнителен број инспектори за оружје во таа земја што би биле чувани од војници на Обединетите Нации.

„Ние ги поддржуваме овие мерки бидејќи е важно на инспекторите да им се овозможи целосна истрага. Со Франција се надеваме иницијативата да биде прифатена во Советот откако Бликс ќе го поднесе новиот извештај.“

најави германскиот министер за одбрана Петер Штрук. Оваа иницијатива веднаш наиде на критики од Вашингтон. Државниот секретар Колин Пауел го оцени како диверзија:

„Повеќе инспектори нема да одговорат на прашањето. Она што треба да го сторат Франција, Германија и другите членки на Советот е уште еднаш да ја прочитаат резолуцијата 1441. “

Со ист став е и претседателот Џорџ Буш:

„Улогата на инспекторот е да покаже и да потврди дали Садам Хусеин се разоружува. Нив ги има сто и четворица. Улогата на инспекторот не е да оди во земја со големина на Калифорнија и да се обидува да ги брои местата каде овој човек ги криел работите во изминативе дванаесет години.“

Сепак, Русија, Франција и Германија остануваат на мислењето за важноста на инспекторската мисија.

„Веруваме дека инспекторите ги испитуваат информациите што ги добија од Соединетите Држави. И не гледам причина за употреба на сила. Но со канцеларот Шредер се согласуваме дека би требало да се врши притисок врз Ирак.“

изјави пред заминувањето од Берлин за Париз рускиот претседател Владимир Путин.