Преземањето на мисијата на НАТО од ЕУ топ тема

Евро пратеникот Солана во рамките на неговата мини балканска турнеја, со македонскиот државен и политички врв разговорите ќе ги фокусира генерално на две теми.

„Едната е продолжувањето на имплементацијата на рамковниот договор, а втората е можното преземање од страна на европските сили, раководењето со меѓународното воено присуство во Македонија,“

вели портпаролката Ирена Ѓузелова.

За ова Солана во Скопје, освен со претседателот Трајковски, премиерот Црвенковски и лидерите потписници на рамковниот договор ќе разговара и со шефот на ДУИ Али Ахмети. Пораката која го засега спроведувањето на рамковниот договор е дека процесот мора да продолжи.

„Во основа, засега е добро. Но, сепак, задачата не е завршена и се уште постојат мерки што треба да бидат спроведени. Една, во сферата на децентрализацијата, а другата се законите што се уште не се усвоени,“

вели Ѓузелова, не криејќи дека неодамнешната одлука на ВМРО-ДПМНЕ да се врати во парламентот и на лидерските средби за Брисел претставува пријатно изненадување.

Сепак темата што ќе доминира во рамките на оваа посета на Солана е преземањето на воената мисија во Македонија од страна на ЕУ, бидејќи евро-пратеникот е еден од промоторите и најактивните лобисти на идејата за македонско деби на новите европски сили. А, европски сили во Македонија нема да има доколку за тоа не постои согласност од македонската влада, оттаму разговорите се неопходни. Истовремено, за европските сили Солана ќе разговара и со лидерите на албанскиот политички блок. Првенствено, поради резервите што тие ги искажаа преферирајќи останување на НАТО војници во Македонија.