Претседателот против, партиите за

Во овој момент нема потреба од нови лидерски средби е одговорот на предтседателот Трајковски на европската идеја за обнова на средбите меѓу потписниците на рамковниот договор за да се забрза и координира неговото спроведување:

„Претседателот смета дека и не е потребно во овој момент да дојде до такви средби, бидејќи ниту еден од потписниците на Охридскиот договор досега не отстапил од потписот што го има ставено на документот.“

изјави портпаролот на претседателот Борјан Јовановски.

Иницијатива која сака да ја обнови комуникацијата меѓу потписниците кај партиите генерално е добро прифатена. За социјалдемократите овој предлог е само еден од начините за мобилизирање на сите сили во имплеметацијата на договореното

„Едноставно, ние сакаме да обезбедиме поширок политички консензус за Охридскиот рамковен договор.“

изјави Игор Ивановски.

Слично размислуваат и во ПДП. Во ВМРО-ДПМНЕ начелно се согласуваат со идејата

„Во суштина немаме ништо против нова средба на потписниците на она што се нарекува рамковен договор.“

рече Влатко Ѓорчев, а во ДПА без конкретен став.

„Секоја идеја да се разговара за имплементација на рамковниот договор за мене е добра идеја.“

изјави Замир Дика. Во меѓувреме веќе постои согласност на овие средби да учествува и Демократската Унија за интеграција која такво нешто и јавно побара

„Ние како партија од коалицијата би требало да земеме учество во таквите разговори.“

рече Агрон Буџаку.

„Идејата е сите да се најдата на заедничка маса во конструктивен разговор. Во основа да се продолжи со работата која некако запре поради изборите,“

изјави портпаролот на европратеникот Брунс Ирена Ѓузелова. Таа додава:

„Точната форма и времето сеуште не се прецизирани: ова е предмет на договор и преговори меѓу партиите.“