Гласање за резолуцијата за Ирак

Советот за безбедност на Обединетите Нации денеска попладне ќе гласа за новата резолуција во која се предвидуваат поцврсти мерки околу испраќањето инспектори за оружје во Ирак. Претходно американскиот претседател Џорџ Буш изрази оптимизам дека Советот ќа ја одобри резолуцијата. Буш додаде дека војната против Ирак е негов последен, а не прв избор.

„Уште еднаш очекуваме од Садам да се разоружа. Ќе биде седумнаесети пат што го очекуваме тоа од него. Овој пат ние така и мислиме. Ја гледате, претпоставувам, разликата. Сега е вистински. Велам дека претходните пати не беа вистински бидејќи ништо не се случуваше кога Садам не преземаше ништо.“

изјави претседателот Џорџ Буш. Тој додаде дека сфаќа оти воената акција против Ирак би можело да налути некои земји во исламскиот свет. Сепак, според него, тоа не е причина да биде спречена ваквата правилна акција. Ревидираната нацрт резолуција, трета во изминативе осум недели на тешки преговори ја содржи и американската отстапка дека Советот за безбедност има ограничена улога пред каков и да е воен напад. Во неа се предвидува дека ирак до 15 –ти овој месец мора да ги прифати термините околу инспекцијата на оружјето. Тие мора да ја обноват работата до 23-ти идниот месец, а до крајот на февруари да го презентираат извештајот пред Советот за безбедност. Американските и британските дипломати во Њујорк се надеваат дека резолуцијата едногласно ќе биде прифатена од Советот, а тоа значи и од Франција, Русија и Кина кои изјавија дека се задоволни од понудениот нацрт. Од десете непостојани членки – единствено Сирија обелодени дека нејзиниот претставник во Советот ќе биде воздржан. За да биде прифатена резолуцијата за неа позитивно треба да се произнесат девет земји и да нема вето од оние што се постојани членки.