Набљудувачите од ОБСЕ почнаа со „снимање“ на теренот

Првите 15 долгорочни набљудувачи од Канцеларијата за демократски инстутиции и човекови права при ОБСЕ од денеска започнуваат вршат снимање на теренот, односно ќе ги оценуваат предизбоните активности, а ќе ги прецизираат и чувствителните избирачки места.

Статични тимови на набљудувачката мисија на ОБСЕ ќе има токму на чувствителните места. Диполматски извори велат дека при одредувањето на овие места тимовите одговорни за оваа работа ќе се раководат од фактот каде во текот на претходните избори имало инциденти, а нема да бидат земени во предвид само местата зафатени од минатогодишнита криза во земјава.

Претстојните парламентарни избори ќе ги набљудуваат и околу 3,000 домашни набњудувачи, односно тие ќе покријат 50 проценти од избирачките места. Во граѓанската асоцијација МОСТ која организира набљудување на изборите велат дека сеуште немаат прецизирано кои се чувствителните избирачки места

„Со оглед на она што се случуваше во изминатиот период секако дека кризните жаришта каде што постоеја судири се потенцијални места каде што треба да бидат распоредени набљудувачи, меѓутоа не значи дека на останатиот дел не треба да се обрне внимание.“

вели Снежана Ѓоргеска, директор на кампањата домашно набљудување. Таа објаснува дека ќе има статични набљудувачи, кои ќе работат во тимови од по двајца

„Онаму каде што се мулти-етнички средини ќе бидат мешани, а исто така ќе се трудиме да се запази и балансот на половите и старостната структура. Покрај статични набљудувачи ќе има и мобилни тимови коишто ќе се движат и ќе ги менуваат местата во текот на денот и коишто постојано ќе известуваат за тоа каква е состијбата на теренот.“