Израел: Седум загинати во оружен напад

Седум лица загинаа, а 20-тина се повредени во денешниот оружен напад врз израелски автобус на Западниот Брег. Одговорноста ја презеде организацијата Ал Акса, блиска до движењето Фатах на палестинскиот лидер Арафат.

Израелското радио јави дека на патот во близина на еврејската населба Емануел на Западниот брег бил поставен експлозив, кој бил активиран во моментот кога поминувал автобусот. Притоа, група напаѓачи отвориле оган врз патниците и врз околните возила. Израелските официјални личности за нападот ги обвинија палестинските милитанти. Ранан Гисин, портпарол на израелскиот премиер Шарон изјави:

„Ова укажува дека нема друг начин, освен да ги распоредиме нашите сили, бидејки во спротивно ќе имаме 10 до 12 самоубиствени напади неделно.“

Одговорноста за овој напад ја презедоа бригадите Ал Акса, блиски до движењето Фатах на палестинскиот лидер Арафат. Инцидентот се случи пред денешната средба на високо ниво во Њујорк, посветена на блиско-источната криза, а на која ќе учествуваат претставниците на Соединетите Држави, Русија, Европската Унија и Обединетите Нации. Портпаролот на израелската влада Арие Меркел оцени дека ваквите напади го минираат можното политичко решение.

„Очигледно е дека сите разговори околу реформите и демократијата се непродуктивни. Ништо не е изменето, имаме работа со терористи и убијци и сметаме дека Арафат е одговорен за сето ова.“