Соединетите Американски Држави, Русија, НАТО и Европската Унија изразија загриженост поради резолуцијата на косовскиот парламент. Тие се едногласни во поддршката на шефот на УНМИК Михаел Штајнер кој оваа резолуција ја поништи и ја прогласи за неважечка.
,,Граничната спогодба останува. Не постои законска основа за нејзино отфрлање од косовското собрание,, - оцени американскиот Стејт Департмент. Во соопштението, прочитано од портпаролот Филип Рикер, се додава дека Соединетите Држави бараат од сите страни целосна и доследна имплементација на македонско-југословенската спогодба за границата. Притоа се потсетува дека со исто вакво барање Вашингтон и генералниот секретар на Обединетите Нации реагираа и на втори февруари годинава. Затоа, како што се наведува, Соединетите Американски Држави се длабоко загрижени од резолуцијата што ја усвои собранието на Косово. Вашингтон во целост ја поддржува одлуката на шефот на УНМИК со која таа резолуција се поништува и се прогласува за неважечка. Поддршка на одлуката на Штајнер дојде и од официјална Москва која потсетува на неопходноста од почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија и на Југославија. Руското министерство за надворешни работи, изразувајќи загриженост од фактот што од територијата на Косово се отвора оган врз Македонија, го потврди ставот дека македонско-југословенската граница мора да се почитува. И еврокомесарот Хавиер Солана ја изрази силната поддршка на Унијата за граничната спогодба меѓу Белград и Скопје. Според него, ваквото повторно мешање во надлежностите на УНМИК само ќе ја поткопа легитимноста на новите политички институции на Косово. За НАТО-прашањето за македонско-југословенската граница е решено, бидејќи тоа е потврдено од Советот за безбедност на Обединетите нации, рече портпаролот на Алијансата Марк Лејти, додавајќи дека пораките, каква што е резолуцијата на косовското собрание, воопшто не се пожелни, затоа што можат да предизвикаат одредени очекувања или пак да создадат забуна. ,,Јасно е дека косовскиот парламент ги пречекори своите надлежности,, - изјави портпаролот на НАТО Марк Лејти.