Достапни линкови

Ќе не сопне ли Бугарија на патот кон ЕУ со нереални барања?


Архивска фотографија, Скопје, 01.08.2019 - Зоран Заев и Бојко Борисов
Архивска фотографија, Скопје, 01.08.2019 - Зоран Заев и Бојко Борисов

Црвените линии не треба да се поминат, а некои од барањата на Бугарија кон земјава се нереални, предупредуваат дел од домашните аналитичари. Тие не очекуваат Бугарија да се спротивстави на добивањето датум за отворање преговори на земјава во ЕУ, но очекуваат опструкции во натамошниот процес.

Северна Македонија може да смета на нас, но не може да очекува безусловна поддршка. Овој заклучок по консултативната средба на бугарскиот државен врв ги отвора дилемите за тоа дали црвените линии за кои зборува бугарскиот претседател Румен Радев можат да бидат причина за можни опструкции на македонските евроинтеграции од бугарска страна. Шефот на бугарската држава вчера изјави дека не е задоволен од работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања, но според упатените тоа е така затоа што бугарската страна поставува нереални барања.

„Не се спорни само барањата за Гоце, Јане или Климент, се работи за негација на македонскиот народ како народ или за присвојување. Такво пријателство не оди во интерес на добрососедските односи. Постојано повторуваат дека ние сме измислена нација по 1944, 1945 година. И Грците не уценуваа, но не го поставија како услов идентитетот и јазикот кои се специфики за секоја нација“, вели професорот Лазар Лазаров.

Иако бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека „Бугарија нема да си дозволи во историјата да биде запишана како државата која ја запрела Mакедонија на патот кон ЕУ”, сепак не заборави да потсети дека има 71 инструмент за да го стори тоа при отворање на поглавјата.

Поранешниот амбасадор Мухамед Халили не очекува Бугарија да се спротистави на добивање датум за преговори месецов, но нема да биде изненаден ако опструкциите се случат подоцна.

„Имајќи предвид дека од денот на старт на преговорите имаме 33 поглавја за отворање, очекувам дека секој момент кога би сакале, тие би можеле да не опструираат на нашиот интегративен пат. Црвените линии требаше да ни ги кажат уште пред да се потпише договорот за добрососедство, а не сега“, изјави Халили.

Сепак, нашите соговорници не ја исклучуваат можноста дека дел од изјавите на бугарските државници се наменети за внатрешна употреба и за добивање политички поени на домашен терен.

„Во овој момент ниту Радев, а ни Борисов немаат корист од внатрешната употреба. Нивните избори не се утре или на крајот на месецот, туку е јасно дека тие водата ја тераат накај својата воденица. Од моментот кога тие се согласиле да потпишат договор, се очекува да се однесуваат како што се договориле, и во од да ги решаваме проблемите, а во од да излегуваат и пречките“, вели Халили.

Заедничката комисија за историски и образовни прашања својот последен седми состанок го одржа пред две недели. И покрај разликите членовите на комисијата усогласиле некои забелешки во однос на општите проблеми кои постојат во учебниците во двете држави. Од досегашните средби до владите на двете земји се препорачани заеднички чествувања на Св.Кирил и Методиј, Св.Климент, Св.Наум и Цар Самоил, како и препораки за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во Република Северна Македонија и петти клас во Република Бугарија кои се однесуваат на античкиот период од минатото.

Во меѓувреме и Бугарско-македонската и Македонско-бугарската стопанска комора изразија сериозна загриженост поради се поголемото политизирање на фактите во заедничката балканска историја на двете држави. Во нивното заедничко соопштение се наведува дека наспроти потпишувањето на Договорот за пријателство меѓу двете држави и организирањето на економски форум во Скопје, на кој беше претставена Патна карта за соработка при формирање на благопријатна бизнис клима, наречена Бела книга, статистиката покажува дека економската соработка бележи влошување.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG