Физичката болка е видлива. Андриј има метален прстен околу фрактурата на левата нога и гипс на десната. Емоционалната болка доаѓа кога се сеќава како се обидел да побегне од селото што руските војници го зазеле во близина на Чернихив.
Автомобилот во кој се возел со неговата мајка, негов роднина и уште три лица удрил на нагазна мина додека се враќале кон градот. Лазејќи од болка на патот, Андриј ја видел сцената што ќе го прогонува до крајот на неговиот живот.
„Ја видов мајка ми како лежи и гори. Таа сè уште беше жива додека гореше. Ногата и се грчеше“, вели тој од болничкиот кревет во западниот град Лвив, каде што беше евакуиран неколку дена подоцна од неговиот татко.
Безброј семејства се поделени откако Русија ја започна својата неиспровоцирана инвазија врз Украина на 24 февруари, бомбардирајќи патишта, училишта, болници и станбени згради.
Илјадници цивили се убиени, иако точните бројки не се познати. Чернихив, град со 280.000 жители на бреговите на реката Десна во близина на границите со Белорусија и Русија, е еден од најтешко погодените од бомби, гранати и ракети. Лежи на главната рута до Киев, околу 125 километри југозападно, и е на патот на руските сили кои ја минале границата.
„Војната започна“
Утрото на 24 февруари, вели Андриј, неговата мајка го разбудила во нивниот стан во Чернихив со зборовите: „Војната започна“. Можеа да слушнат сирени и експлозии.
Неговиот татко, Анатолиј, кој им се придружил на одбранбените сили на градот, ги одвел сопругата, синот и внукот до нивната дача, или викендичка, во Иванивка, село на околу 15 километри јужно од градот.
Анатолиј се надевал дека таму ќе бидат побезбедни отколку во Чернихив. Меѓутоа, руските сили влегоа во Иванивка по две недели во обидот да го опколат градот.
Андриј се присетува на граната која удрила во дворот и ги искршила прозорците на дачата. Тој, неговата мајка и роднината се сокриле во подрумот додека борбите се приближувале. Набрзо, оклопен транспортер влегол во нивниот имот и почнал да пука кон нивната врата пред руските војници да влезат во куќата.
„Штом не најдоа во оставата, почнавме да викаме дека сме цивили. Ни се заканија со граната и излеговме“, рече Андриј. Руските војници им ги зеле телефоните и ги скршиле со кундаците од пушките, рече тој. Тројцата ја поминале ноќта во куќата на соседот, бидејќи нивната дача била „целосно уништена“, вели Андриј.
Шок и болка
Семеен пријател преговарал со руските трупи во Иванивка, кои се согласиле да му дозволат на Андриј, неговата мајка и уште неколку други да се евакуираат и да се вратат во Чернихив.
Неколку минути по краткото возење, Андри одеднаш видел „жолт блесок“ и почувствувал „ѕвонење во ушите“ додека излетал од автомобилот. Нивното возило наишло на нагазна мина во близина на селото Количивка, при што загинале возачот, неговата сестра и мајката на Андриј.
Во шок и болка и облен со крв, Андриј се извлекол од патот за да стигне до оградата на една куќа.
Жителите на Количивка кои ја слушнале експлозијата набрзо им помогнале, носејќи ги Андриј и неговиот братучед назад во селото со помош на импровизирани носилки направени од постелнина.
Бидејќи медицинскиот персонал не можел да стигне до селото поради борбите, украинските војници на крајот дошле да ги земат момчињата и да ги доведат до работ на градот, каде што биле качени во амбулантно возило.
Лекарите ги санирале неговите повреди, вклучувајќи ги и скршениците на нозете, во подрумот на болницата додека одекнувале експлозии. Бидејќи немало достапни кревети во преполната болница, неговиот татко го собрал веднаш по операцијата и го однел дома.
Пет дена подоцна, откако состојбата на Андриј се стабилизирала, неговиот татко го однел во Лвив, каде што се засолниле многу луѓе кои бегаат од источните и централните области. Други, пак, заминаа кон Полска и други земји од Европската унија.
Лвив е на помалку од 500 километри југозападно од Чернихив, но патувањето траело два дена по споредни, ризични патишта.
РСЕ не може самостојно да ги потврди деталите на приказната на Андриј и Анатолиј, кои не сакаа нивното презиме да биде објавено, но приказните од другите евакуирани во Чернихив, како и фотографиите и сателитски снимки им даваат поддршка на нивните приказни.
Како и многу други Украинци кои изгубија близок во руската инвазија, семејството не можеше да ја погреба мајката на Андриј поради војната. Нејзиното тело лежи во мртовечница во последните три недели.
„Нема безбеден излез“
Во услови на тешки борби, руските сили не успеаја да ги заземат Киев или Чернихив. На 29 март, по рундата мировни преговори во Истанбул, Русија објави дека ќе ги намали операциите во близина на двата града „за да ја зголеми меѓусебната доверба“.
Но, гувернерот на регионот Чернихив Вјачеслав Чаус, на 30 март рече дека не гледа никаков прекин во руските напади, а украинскиот претседател Володимир Зеленски и западните претставници изразија скептицизам за намерите на Москва.
Претходно оваа недела, Чаус изјави дека половина од населението на градот заминало од почетокот на војната, но дека нападите се случуваат на секои 10 или 15 минути и дека „нема безбеден излез“ откако руските сили бомбардираа мост на патот кон Киев.
Тој додава дека некои тела можеби се уште се под урнатините на урнатите згради. „Сè уште се обидуваме да ги собереме“, рече тој.
Андриј вели дека имал „среќа“ да преживее. „По некое магично чудо, жив сум“, рече тој, додавајќи дека неговиот татко му рекол оти смртта на неговата мајка и на другите убиени во војната е цената што ја плаќаме за украинската независност.
„И ние сме подготвени да ја платиме. Ништо не е бесплатно. Ако Русија сака да биде тоталитарна држава и да стане Советски Сојуз, нека биде така. Но, тие нема да нè имаат“, му рекол татко му.