Достапни линкови

31 година независност - капиталните инвестиции неисполнети ветувања


Минатогодишната централна прослава на Денот на независноста
Минатогодишната централна прослава на Денот на независноста

„Обединети во слободата“ е мотото на денешната прослава на годишнината од Денот на независноста на Македонија. За 31 година во земјава клучните капитални инвестии кои требаше да го подобрат животот на граѓаните не се реализирани.

Пред 30 години наследивте трикатна куќа што вашите родители ја изградиле во време на бивша Југославија. Во меѓувреме, парите од киријата за катовите во кои не живеевте ги трошевте по одмори и ситни луксузи. Во меѓувреме, покривот протече, и не можевте да си дозволите да го смените, оџакот веќе е нефункционален затоа што проблемите не ги саниравте навреме, прозорците повеќе не затвораат убаво, па се чувствува промаја и загуба на топлина во зима. Ваква симболична паралела може да се повлече со раководењето на државата во изминативе 31 година, колку што брои Македонија независност.

Во пресрет на најтешката зима по Втората светска војна премиерот Димитар Ковачевски призна дека е сега e можно да го платиме „цехот“ за децениското не инвестирање во енергетскиот сектор.

„ Во Северна Македонија и во Македонија не е инвестирано во големи енергетски капацитети од денот на нејзината независност. Единствено се направени ветерници кои не произведуваат базна енергија 36 мегавати и една хидроцентрала која што како и сите други хидроцентрали во овој момент се користат за производство на билансна енергија затоа што акумулациите се на 50 проценти“, изјави Ковачевски.

Економистите во изминативе две децении редовно апелираа да не се крати од капитални инвестиции и да се инвестира во производствени капацитети на електрична енергија. Тие честопати замеруваат дека наместо изградба на две хидроелектрани во Чебрен и Галиште, приоритет имаше проектот „Скопје 2014“.
На последниот тендер за изградба на проектот „Чебрен – Галиште “ во април се јавија девет понудувачи. Досега пропаднаа 13 тендери за изградба на овој проект.

Планот на Владата за справување со енергетската криза зимава ќе не чини 300 милиони евра, додека проценката за изградба на хидроцентралата Чебрен изнесува од 600 до 800 милиони евра. Овие проценки се направени пред почетокот на енергетската криза, и според тогашното најповолното сценарио оваа електрана требаше да произведува над 1000 гигават часа струја годишно, што е речиси колку сите други хидроцентрали заедно.

За 31 година независност како инвестиција во енергетски капацитет може да се вброи само изградбата на хидроцентралата Козјак за која камен темелникот се „удри“ во 1994 а во 2003 година се пушти во употреба.

Другите хидроцентрали се постари, а РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј се градени во раните 80-ти од минатиот век, и оттогаш ништо не е пипнато, вели поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини, кој го помина работниот век во Електростопанство на Македонија. Според него, проблемот не е направен во последната деценија, туку дека енергетиката во земјава е занемарувана веќе 40 години.

„И да не беше моменталната криза и растот на цената на енергенсите и на електричната енергија на меѓународниот пазар, Македонија кога-тогаш ќе мораше да се соочи со последиците од тоа занемарување на инвестициите во производствени капацитети“, вели Хајредини.

Во меѓувреме „никнаа“ над 75 мали приватни хидроелектрани во изминатава деценија. Но, иронијата е во тоа што за една деценија домашното производство на струја е намалено за една четвртина. Податоците на Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека во 2010 година државните капацитети произвеле скоро 6500 гигават часа струја, а во 2020 година над 3600 гигават часа. Во меѓувреме, увозот на струја постојано си расте.

За 26 години изградено е помалку од 200 километри автопат

Енергетиката не е единствената „болка“ кога станува збор за капитални инвестиции. За развој на економијата едно од клучните прашања во изминативе 31 година беа инвестиции во инфраструктура.

За овие три децении се изградени неколку регионални и магистрални патишта, автопатот Демир Капија – Смоквица и автопатот Скопје – Штип. Главниот туристички бисер во земјава Охрид и по 30 години нема квалитетно поврзување со главниот град на државата.

Податоците од државниот завод за статистика покажуваат дека во 1995 година Македонија имала вкупно 138 километри автопат додека во 2021 година вкупниот број на изградени километри автопат изнесува 335.

Податоците покажуваат дека до 1995 година вкупниот број на изградени километри патишта изнесувал 9 573 километри додека до 2021 вкупната должина на изградени патишта изнесува 14 477 километри. Во оваа статистика влегуваа и автопатите, магистралните и регионалните асфалтирани патишта.

Загубите на македонските железници „изедоа“ една пруга до Бугарија

Пругата кон Бугарија е проект рекордер во изборните ветувања веќе 30 години. Првиот проект за нејзина можна изградба е направен уште кон крајот на 80 тите години од минатиот век. Во предизборните ветувања почна да се промовира во 1994 година, во кампањата на поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски. Речиси во секој државен буџет беа предвидувани пари за пругата, но потоа беа пренаменувани за други потреби.

Со децениското одложување на либерализацијата на железничкиот сообраќај Македонија загуби стотици милиони евра, затоа што огромна количина на стока транзитира преку Бугарија. Искористеноста на македонските железнички капацитети сега се сведени на 10 проценти, што значи дека 90 проценти се празни вагони, вели сообраќајниот инжинер Дејан Трпевски кој е дел од компанија која произведува транспортни шински возила.

„Тоа се индиректните загуби, директните загуби шти ги прават јавните претпријатија како загубари „Македонски железници – транспорт “ и Македонски железници – инфраструктура“ некаде во просек 20 милиони евра годишно, односно до буџет 20 милиони евра се даваат годишно од буџетот за железницата, па 20 години по 20 милиони евра е 400 милиони евра – тоа ви е како да ја направите пругата до Бугарија. Тоа значи дека една пруга до Бугарија ни отишла во чекање и неносење на одлуки“ изјави минатата година за РСЕ Трпевски.

Освен пругата, проблем со години е и незавршениот Коридори 8. Последното владино ветување е дека ќе биде готов во 2024 година.

Скопје не виде ниту Трамвај ниту БРТ систем

Едно од реализираните инфраструктурни решенија во Скопје е изградбата на обиколницата. Но вечните партиски ветувања за подобрување на јавниот превоз во главниот град не се ни на повидок. Се ветуваше изградба на трамвај за чии елаборати беа потрошени илјадници евра.

Претпоследниот градоначалник Петре Шилегов се откажа од дведецениската идеја за Трамвај во Скопје, но отпочна постапка за изградба на брз рапид транзит систем кој требаше да биде современо решение за јавниот превоз. Неговата наследничка Данела Арсовска по седнување на градоначалничкото столче најави дека ќе го поништи тендерот затоа што бил премногу скап.

Во меѓувреме, двокатните автобуси купени пред една деценија почнаа да се расипуваат, па во сообраќај повторно може да се забележат двојните автобуси кои ЈСП ги поседува повеќе од 30-тина години.

Ако ветувањата кои политичарите ги даваа во изминативе 31 година беа исполнети, македонските граѓани сега ќе се лекуваа во нов клинички центар, но реалноста е дека за една деценија добија само ископана дупка.

Претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ ветуваше клинички центар уште од 2011 година, а во 2014 тогашниот премиер Никола Груевски и министерот за здравство Никола Тодоров сечеа црвена лента за да го означат почетокот на градбата. Од тогаш остана само ископана дупка на местото на старата Клиника за гинекологија.

СДСМ, по доаѓањето на власт во 2017, исто така најави дека ќе гради нов клинички центар. Наредната 2018 година, власта соопшти дека одлучила тој да не биде на постојната локација во центарот на Скопје, туку на периферијата на градот, во селото Бардовци, каде што ќе се гради од нула. Предлог-законот за изградба на Клиничкиот центар беше доставен до Собранието пред крајот на минатата година, но е затрупан со 2000 амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ која се противи на проектот. Во меѓувреме, предвидената цена на чинење порасна од околу 70 на околу 500 милиони евра.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG