Достапни линкови

Ќе „профитира“ ли Македонија од превирањата во бугарската влада


Илустративна фотографија / Парламентот во Бугарија
Илустративна фотографија / Парламентот во Бугарија

Превирањата на политичката сцена во Бугарија ги подгреваат надежите на Македонија дека на самитот на ЕУ, овој месец, би можело да се тргне бугарското вето за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Се прават дипломатски напори да се изнајде некакво решение, иако тоа засега изгледа невозможно.

Темата за Македонија беше наведена како една од главните причини поради кои партијата „Има таков народ“ (ИТН)на Слави Трифонов ја напушти владата на премиерот Кирил Петков, ставајќи го во ризик опстојувањето на бугарската влада. Трифонов го обвини Петков за „национално предавство“, а дел од министрите, меѓу кои и шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска дадоа оставки.

Пратениците на ИТН во Народното собрание почнаа да гласаат заедно со опозицијата, во време кога останатите три политички партии од владејачката коалиција немаат мнозинство, поради што не може да спроведат ниту една одлука. Петков изјави дека уште едни избори ќе бидат катастрофални и губење на историско време за Бугарија, како и дека се фокусирани на обезбедување 121 пратеник.

„Продолжуваме со промената“, Бугарската социјалистичка партија (БСП) и „Демократска Бугарија“ (ДБ) имаат само 109 пратеници од потребните 121 за мнозинство во 240-члениот Парламент. Во меѓувреме, неколку пратеници преминаа кај Петков. Трифонов пак обвини дека Петков ги купува неговите пратеници.

Овие превирања се случуваат во екот на интензивни дипломатски разговори поврзани со бугарското вето кон Македонија кое е на сила веќе две години, а на само десетина дена пред состанокот на Советот на ЕУ во Брисел. Главната пречка тука, за се даде дозвола Македонија конечно да ги почне преговорите за влез во Европската Унија е токму ветото од Бугарија, која, меѓу другото, бара вклучување на Бугарите во македонскиот Устав, а има и сериозни забелешки за македонската историја и јазик.

Кацарска: Земјава да се навикне на подолгорочни превирања во Бугарија

Симонида Кацарска, од Институтот за европска политика ЕПИ смета дека земјава мора да се навикне на подолгорочни превирања во Бугарија. Според неа, најдобро ќе биде нашето приближување кон ЕУ да го разбереме како наша внатрешна реформска агенда, независно од случувањата во Бугарија.

„Од друга страна очигледно е дека некои динамики коишто беа извесни дека се случуваат внатре во бугарската влада сега излегоа на површина. Веројатно е доста рано да предвидиме кој би бил исходот во контекст на решавањето на нашето прашање, но со оглед на нивните превирања мислам дека е уште повеќе јасно дека било кое „решение“ што ќе го изнајдеме со Бугарија мора да биде на цврсти нозе, поради веројатноста од уште идни превирања, и кај нас и во Бугарија во догледна иднина“, смета Кацарска.

Кацарска: Да не ги подигнуваме очекувања за кревање на ветото во оваа фаза
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:18 0:00
Директен линк

Муслиу: Ова ни оди во прилог и на двете држави

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу пак со оптимизам гледа на она што сега се случува во Бугарија. Смета дека превирањата во владата се доказ за посветеноста на бугарскиот премиер Петков за надминување на прашањето со Македонија.

„Тоа не значи дека треба да се оштети било која страна, туку да се надмине блокадата и да се одржи првата меѓувладина конференција. Начинот на обезбедувањето на новото мнозинство во Бугарија ми покажува дека на тоа ново мнозинство му се приклучуваат и поранешни пратеници и на други партии кои веруваат дека треба да се надмине таа блокада. Значи не е само македонското прашање причината за пропаѓање на претходната коалиција, но едно од прашањата е секако блокадата кон Македонија. Мислам дека ова ни оди во прилог и на двете држави, дека може да се надмине овој момент и да почне Македонија со преговорите за членство“, вели Муслиу.

Што ќе се случи овој јуни во Брисел

Доаѓањето на власт на премиерот Петков во декември минатата година се сметаше дека ќе отвори ново поглавје во односите меѓу Македонија и Бугарија. Зачестија дипломатските контакти и средби на највисоко државно ниво, а се интензивираше и работата на комисиите. Новиот пристап беше претставен како фокус кон економската соработка меѓу двете земји, а историјата да се стави во втор план. Сепак, како изминуваше времето, историските прашања повторно испливаа. Така според последните изјави на Петков, Бугарија сега има три јасни барања кон земјава: почитување на рамковната позиција што ја усвои бугарскиот Парламент, вклучување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија за да се заштитат нивните права и спроведување на Договорот за добрососедство.

Муслиу и покрај тоа е уверен дека овој јуни Брисел ќе направи исклучок и понуди одредено хибридно решение за Македонија да почне преговори, дури и во случај Бугарија да не го крене ветото. Кацарска пак е попретпазлива.

„Тој состанок е значаен поради нас, ние сме еден дел од приказната. Но веројатно е подеднакво важен во овој момент се и приказните на Украина. Молдавија и Грузија, коишто очекуваат некоја форма на условени кандидатски статуси според она што го слушаме, или тоа да биде случај за Украина и Молдавија. Тоа е веројатно првата точка со којашто ЕУ ќе се бави поради геополитичкото значење. За нас е се уште неизвесно, меѓутоа мислам дека е многу неверојатно дека ќе се направи некаков исчекор во контекст со Бугарија. Секогаш постои некој прозорец на можност, но не сум сигурна дека ќе може да се креира некакво издржано решение со коешто ќе можеме да продолжиме напред, формално со почетокот на преговорите“, вели Кацарска.

Во четвртокот Петков во Софија се сретна со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, по што двајцата потврдија дека нема договор за повлекување на ветото. Петков рече дека работи на тоа ЕУ да стане гарант на бугарските барања. Во саботата, германскиот канцелар Олаф Шолц исто така рече дека сè уште нема договор, а претседателот Румен Радев уште еднаш повтори дека задача на владата е „да го задржи ветото“.

Потврда дека се уште немаме формален договор со Бугарија вчера даде и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

„За секој проблем постојат решенија и токму за тие дискутираме. Но, некои од решенијата не ја добиле потребната потврда, затоа моментално немаме никаков договор со Бугарија, ниту потпишан ниту усмен. Но, мислам дека има сè уште надеж, има политичка клима за ова да се случи, доста работевме на ова и мислам дека во добар правец. Сите политички фактори во земјава сме на истата страна. На пример вчеравечер до рано изутрината преговаравме и разговаравме со бугарската страна и за тоа ги информирав и премиерот и претседателот на државата, сте сме на иста линија“, изјави Османи во гостувањето на ТВ21.

Македонија од 2005 година е кандидатка за членство во ЕУ. Земјава во 2001 година прва од регионот ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Во 2012 година воспоставен беше Пристапниот дијалог на високо ниво, а во јуни 2018 година Советот на ЕУ заклучи дека ЕУ ја остава отворена вратата за отпочнување преговори во втората половина на следната година, условено со напредок во реформите.

Во јуни 2019 година, во заклучоците на Советот на ЕУ беше наведено дека Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор и Договорот за добрососедски односи со Бугарија за следната година во март да донесе одлука дека земјава треба најбрз можен рок да ги започне преговорите за членство со ЕУ. Две години подоцна, се уште нема формален почеток на пристапни преговори поради блокадата на Софија.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG